Според италијанските медиуми, папата Лав XIV одлучил да ја забрза операцијата за да има доволно време да закрепне пред планираното патување во Јужна Америка.
Светиот Отец досега не ги откажал планираните аудиенции и настани, иако во наредните денови ќе биде подложен на операција за отстранување јазол на белите дробови. За време на молитвата „Ангел Господов“ на 11 октомври, тој потврди дека има намера да отпатува на апостолско патување од 6 до 17 ноември, при што ќе ги посети Уругвај, Аргентина и Перу, наведува италијанската агенција АНСА.
Календарот на Папата и понатаму е исполнет. Утринската аудиенција за претставниците на Circolo San Pietro ја реализираше во понеделник, 12 октомври. Во вторник, 13 октомври, Папата нема официјални средби, што традиционално е негов ден за одмор.
Доколку хоспитализацијата и операцијата започнат во вторник, папата Лав XIV нема да може да присуствува на утринската света Литургија во базиликата „Свети Петар“, ниту на завршната средба во Рим посветена на апостолскиот поттик Amoris Laetitia, на која учествуваат епископи од целиот свет.
Во распоредот на Папата за следната недела е предвидена аудиенција на 22 октомври за учесниците на меѓународниот конгрес „Исцртување нови мапи на надежта“, организиран од Дикастеријата за култура и образование.
Неизвесно останува и учеството на Папата на меѓурелигиската средба за мир, која Заедницата Сант Егидио ја организира на 27 октомври во Асизи, по повод 40-годишнината од историската средба што ја започна свети папа Иван Павле II. Сепак, овој настан сè уште не е вклучен во официјалниот календар на Ватикан.
Најголемо внимание е насочено кон апостолското патување во Јужна Америка, планирано од 6 до 17 ноември. Папата Лав XIV треба да ги посети Уругвај, Аргентина и Перу, каде што околу дваесет години служел како мисионер и епископ.
Светиот Отец го потврди ова патување за време на молитвата „Ангел Господов“ во неделата, 11 октомври. Поздравувајќи ги Перуанците собрани на плоштадот „Свети Петар“, по повод процесијата во чест на Señor de los Milagros („Господ на чудата“), им се заблагодари за молитвите „за пасторалната посета што ќе ја остварам во Перу“.
Според италијанските медиуми, папата Лав XIV одлучил да ја забрза операцијата за да може навреме да закрепне пред планираното патување во Јужна Америка.
КТА/к.мк

