Латинскиот и православниот патријарх на Ерусалим присуствуваа на состанокот во градот Хаифа на кој претседателот на Израел ја потврди својата посветеност за одбраната на слободата на вероисповед и богослужба во Израел.
Многу членови на христијанската заедница во градот Хаифа излегоа на улиците за да протестираат против неодамнешните упади на еврејските радикални групи во христијанските свети места, особено во католичкиот христијански манастир Стела Марис. По инцидентите со насилство врз христијаните, важна беше посетата на претседателот на Израел, Исак Херцог во кармелитскиот манастир Стела Марис во Хаифа. Посетата се одржа на 9 август 2023 година и беше од приватен карактер. Претседателот Херцог беше придружуван од неговата сопруга и делегација со помал број службеници.
Израелскиот претседател по тој повод рече: „Мораме да ги почитуваме припадниците на сите религии. На ова сме посветени од почетокот на нашето постоење. Сакај го својот ближен како себеси“.
Претседателот Исак Херцог истакна дека „во последните месеци бевме сведоци на сериозни инциденти против христијанските деноминации во Светата Земја. Нашите браќа и сестри, христијански граѓани, се чувствуваат нападнати на нивните места за молитва, гробиштата и улиците. Оваа екстремистичка појава ја сметам за неприфатлива во секој поглед. Сегашната ситуација мора да се искорени, благодарам на полицијата и на другите органи за спроведување на законот и што сериозно ја сфатија ситуацијата“. Тој потоа додаде: „во оваа мирна и убава заедница, која зад себе има стотици години, нема причина нејзините членови да се чувствуваат загрозени“.
Израелскиот претседател заклучи: „Мојата порака до христијаните кои живеат во Израел и верниците ширум светот е дека христијанските заедници се безбедни, заштитени и напредуваат во Светата Земја“. На состанокот присуствуваше и полицискиот началник Јаков Шабтаи.
Ватикан њуз/к.мк