Според зборовите на пророкот Исаија свети Иван Крстител е „Гласот на оној што вика во пустињата. Пророкот Исаија ќе каже: „Пригответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустињата патеките за нашиот Бог“. (Исаија 40,3) Неговото име во превод значи Господ е милостив.
Раѓање
Свети Иван Крстител е пророк кој се родил шест месеци пред Христос, наречен е Предтеча поради неговата објава на веста за доаѓањето на Месијата (сп. Марко1,2). За Иван самиот Спасител ќе каже дека е најголем меѓу родените од жена (Матеј 11,11) и дека до него се „законот и пророците“ (Лука 16,16), а од него па натаму Царството Божјо се проповеда со Евангелието.
Според Новиот Завет неговите родители Захарија, свештеник и Елисавета, роднина на Исусовата мајка Марија, долго време не можеле да имаат деца и кога им се роди син, завладела длабока радост. Елисавета сакала да се вика Иван, што значи Господ е милостив. Пријателите и роднините го прашале Захарија за мислење, кој во тој момент бил нем, па затоа во знак на согланост напишал на една штичка: „Иван му е името“. Во тој час му се отворила устата и му се повратил говорот. Од преголема радост Захарија започнал да му благодари на Бог и да го слави заради неговата добрина.
Живот и делување
Во својата младост Иван заминува во јудејската пустина. Се хранел со скакулци и див мед. Се облекувал во облека направена од камилски влакна и бил препашан со појас од кожа околу слабините (сп. Матеј 3,4). Живеел во пустината и испоснички. Проповедал преобраќање, внатрешно преобраќање, крштевајќи ги луѓето во водите на реката Јордан. Имал свои ученици кои го наследувале. На крај го крстил и Исус во реката Јордан. За Исус пак ќе каже: Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките (Матеј 3,11). Целиот свој проповеднички и пророчки живот го посвети на Исус Христос, Кој тој ќе го нарече и Јагне Божјо. За него говорел, го навестувал, напомнувајќи дека при тоа треба да го дочекаме подготвени, преобратени, во потполно нова облека.
Евангелието известува како Исус доаѓа кај Иван барајќи од него да го крсти. (сп. Матеј 3,13) На негово инсистирање Иван тоа и го прави, а за време на крштението, како што вели библискиот текст, над Исус слезе Светиот Дух во вид на голуб и се слушнал Глас Божји: Овој е мојот возљубен Син, Кој е по мојата волја (Матеј 3,16).
Светиот Иван Крстител е затворен од страна на Ирод, четворовласникот, кој пак наредува да му се отсече главата, поради тоа што Иван јавно го осуди за прељуба. (Матеј 14,1-10)
Славење
Црквата го слави свети Иван Крстител уште од самиот почеток, додека пак неговото раѓање го слави на 7 јули.
На него се посветени и следните празници: Зачнување, Собор на свети Иван Крстител, Отсекување на главата на свети Иван Крстител, Прво и второнаоѓање на главата на свети Иван Предтеча III трето наоѓање на главата на светиИван Предтеча.
Иконографија
Во иконографијата обично е прикажан на повеќе начини, од кои најкарактеристични се: со крила, како пустински ангел, слично на пророштвото на Малахија дека ќе дојде во облик на ангел (Малахија 3,1). Како стои со свиток на кој стои напишан текст: „покајте се …” (Матеј 3,2), а позади него има суво дрво под кое се гледа секира (Матеј 3,10). Како кефалофорит – светител на кому му е отсечена главата, која ја држи во раце и има крила. Како стои во пустина, облечен во облека од камилски влакна, со стап во облик на крст и со натпис: Еве го Јагнето Божјо!