Зошто свештеникот додава вода во виното за време на Литургијата

Зошто свештеникот додава вода во виното за време на Литургијата

Дали некогаш сте се запрашале зошто свештеникот додава малку вода во виното за време на светата Литургија? Зад овој едноставен чин стои длабока симболика. Тој го означува единството меѓу Христовата божественост и Неговата човечност, а нè потсетува и на настаните од Неговото Страдање.

Едно од честите прашања поврзани со евхаристиското славење е зошто свештеникот или ѓаконот додава неколку капки вода во виното во чашата. Дали тоа се прави затоа што виното е премногу силно и треба да се разреди?

Одговорот се наоѓа во богатата симболика на овој навидум мал литургиски чин.

За време на Литургијата, пред осветувањето, односно за време на проскомидијата, свештеникот или ѓаконот додава малку вода во виното и тивко се моли:

Овој чин го изразува таинственото единство на двете природи на нашиот Господ Исус Христос: божествената и човечката. Виното упатува на Христовата крв, а водата на нашата човечност, која Христос ја прими заради нашето спасение.

Истовремено, мешањето на водата и виното нè потсетува на Христовото Страдање. Кога еден од војниците со копје Му го прободе реброто на распнатиот Исус, од Неговата страна потекоа крв и вода. – сп. Иван 19,34

Црковната традиција во овој настан препознава знак на двете големи Тајни на Црквата: Крштението и Евхаристијата. Водата упатува на очистувањето и новиот живот, а крвта на евхаристиската жртва на Христос.

Свети Кипријан исто така објаснува дека водата може да ја симболизира Црквата, односно верните, кои се соединети со Христос. Како што водата се меша со виното и повеќе не може да се одвои од него, така и верниците се повикани да бидат соединети со Христос во Неговата жртва.

На тој начин, овој чин покажува дека не сме само набљудувачи на Литуријата. Ние сме повикани да учествуваме во Христовата жртва, да се соединиме со Него и да дозволиме Неговата благодат да нè преобрази.

Водата и виното можат да нè потсетат и на жртвите од Стариот Завет. Во храмот, по принесувањето на жртвите, водата и крвта биле поврзани со очистување и со животворната Божја сила. Во Новиот Завет, од Христовата прободена страна истекуваат крв и вода како знак дека Неговата жртва е исполнување на сите претходни жртви.

Затоа мешањето на вода и вино во путирот е потсетник дека во Исус Христос се исполнува Стариот Завет и се воспоставува Новиот Завет во Неговата крв.

Тоа е знак на Христовата љубов, на духовното очистување и на животот што извира од Неговата жртва.

Еден мал литургиски гест, речиси незабележлив за многумина, нè воведува во голема тајна: Бог стана човек за човекот да стане учесник во Божјиот живот.

Кулкатолик/к.мк

Категорија: Вера, Размислување

За авторот