Зошто во недела треба да се оди на света Литургија

За да може одговорот на ова прашање да биде појасен, важно е да се биде свесен за улогата и сржта на неделата. Неделата или денот Господов (dies Domini) е ден во кој што Црквата во текот на вековите го празнува воскресното Христово таинство, изворот на човековото спасение. Таа е ден Господов, бидејќи е дар што Господ го направи на својот народ Овој ден е што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него. (Пс 117,24). Во тој ден Господ ги направи највеличествените и најсветли дела: почетокот на создавањето, воскресението на Својот Син, излевањето на Светиот Дух итн. За Црквата славењето на неделата е знак на верноста кон Спасителот Исус Христос. Затоа треба да се радуваме на неделата, а не да ја злоупотребуваме, ниту да го менуваме нејзиниот природен ритам, смислата. Таа е ден на евхаристија и молитва, ден на семејството и парохиската заедница, ден за одмор и празнување, ден за починок од секојдневните грижи и напори.

Современиот потрошувачки дух ја изложува неделата на процес на длабока трансформација, а тоа доведува до раслојување на семејството и парохиската заедница. Во такви прилики неделата го губи своето изворно христијанско значење и се претвора во ден за обичен одмор и бегање, па човекот иако е празнично облечен, е неспособен да празнува и се затвoра во еден тесен хоризонт кој што не му дозволува да излезе.

Неделата е ден за света Литургија. Имено, целата заедница собрана во верата и љубовта е прва света тајна на Господовата присутност меѓу своите: собрани заедно во знак кога многумина ќе се најдат во единство на едно срце и една душа (сп. Дела 4,32). Во тоа се покажува заедништвото на Црквата и единството на Христовото тело. Во колку некој се оддалечува или го одбегнува заедништвото од тоа тело, тогаш Господовото тело осиромашува. Црквата отсекогаш ја слави неделата преку славењето на кршење леб, навестување на Словото, дела на љубовта.

Исто така треба да се истакне дека неделата не е ден на евхаристијата само затоа што тој ден учествуваме на светата Литургија, туку најпрво што тој ден од било кој друг ден христијанинот настојува својот живот да го направи дар, преку духовна и на Господ мила жртва, по примерот на Христос; верникот настојува да покаже подготвеност за служење, која се раѓа директно од Христовата љубов, и тоа е тогаш евхаристиски живеен живот. Кон сето тоа мора да се стреми пасторалот и славењето на неделната евхаристија, бидејќи евхаристијата не е само обичен обред, таа е училиште на животот.

Неделата на секуларизираниот човек не е исто што и неделата на христијанинот. Секуларизираниот човек настојува својата недела да ја живее воглавно како ден за одмор од работата и неговото славење често се сведува на празничен (доаѓа од зборот празен) ден кој е само бегство од секојдневието. Современата секуларизирана култура ја лиши неделата од нејзиното изворно религиозно значење и настојува да ја замени со бегство во приватноста или со нови масовни обреди: спорт, излети, дискотеки, туризам и во последно време, со работа поради профит, и тоа често неправеден. Потребно е разбивање на грижата, меѓутоа опасно е денот Господов да се сведе на човечки ден, потрошувачки и хедонистички, и така да се злоупотребува човекот и да се понижува Бог.

Вториот Ватикански собор (сп. Sacrosanctum Concilium бр. 106) и Кодексот на канонското право (сп. канон 1274) укажуваат дека верниците се должни заедно да учествуваат на неделната света Литургија. Спрема тоа, тоа собирање на верниците околу Христовиот олтар е знак на единство и заедништво.

Превземено од книгата „Вера во прашања“, д-р Дон Алојзије Чондиќ

Категорија: Размислување

За авторот

Write a Comment

<