Завршија духовните вежби за свештениците од Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија

Завршија духовните вежби за свештениците од Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија

На 8 октомври 2026 година, со света Литургија во Бискупската резиденција на Водно во Скопје, завршија духовните вежби за свештениците од Струмичко-скопската епархија и Скопската бискупија, кои ги предводеше проф. д-р Тарас Баршчевски.

На крајот од духовните вежби, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов му се заблагодари на проф. д-р Баршчевски за духовното водство, предавањата и размислувањата со кои ги придружуваше свештениците во текот на овие денови.

Во своите предавања проф. д-р Баршчевски се осврна на повеќе библиски ликови, меѓу кои пророците Илија и Јона, поврзувајќи ги нивните животни искуства со свештеничкиот повик и служењето денес.

Преку ликот на пророкот Илија беше истакната верноста кон Божјиот повик, како и искуството на замор, осаменост и криза што може да се појави во животот на оној што е повикан да служи. Во тој контекст беше нагласена потребата свештеникот постојано да се навраќа на изворот на својот повик и да ја обновува довербата во Бога.

Размислувајќи за пророкот Јона, духовникот го претстави неговиот лик како знак на спасението и го поврза со свештеничкото послание. Беше нагласено дека свештеникот е повикан со својот живот, сведоштво и служење да биде знак за семејствата, парохиските заедници и луѓето на кои им е испратен.

Во рамките на предавањата беше разгледана и темата за заедничкиот повик на Божјиот народ, како и врската меѓу старозаветното и новозаветното свештенство.

Духовните вежби започнаа на 5 октомври и во текот на неколкуте дена свештениците имаа можност преку молитва, богослужби, духовни размислувања, света Исповед и заедништво подлабоко да размислуваат за сопствениот свештенички повик и послание.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот