Сега кога си изморен дојде часот кога повторно покрај тебе смее да биде твојата мајка. Сега кога не се бараат чудеса, туку е подобро да се мирува, смее да застане покрај тебе онаа на која ѝ рече: Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час (Иван 2, 4). Сега е часот во кој се здружуваат синот и мајката. А тој час е час на разделба, час на смртта. Час во кој сите мајки вдовици го земаат синот единец.
И така уште еднаш твоето око ја гледа мајка си. Нејзе, која од ништо не ја поштеди. Ти не беше само радост во нејзиниот живот. Ти беше и горчина и болка во нејзиниот живот. Но и двете беа твои милости, и двете беа твојата љубов. Затоа што и во двата случаи стоеше покрај тебе и ти служеше, затоа ја сакаше. Токму и со тоа таа всушност стана твојата вистинска мајка. На Тебе ти се браќа, сестри и мајка оние кои ја вршат волјата на твојот Отец кој е на небесата. Во твоите маки сè уште е будна љубовта и нежноста што лебдат помеѓу синот и мајката. Со твојата смрт се благословени и посветени и овие нежни, мили земни работи што срцето го прават помеко и земјата поубава. Овие вредности не мируваат во твоето срце. И затоа тие се спасени за небото. Поради тоа ќе настане нова земја, затоа што умирајќи ја љубеше земјата, затоа што уште на смртта, беше допрен од солзите на една мајка, беше загрижен за нашето вечно спасение, затоа и за време на своето пропаѓање се грижеше за благосостојба на земјата на една вдовица и еден син го даде на мајката и единствената мајка на синот.
Но, таа не стоеше под крстот само како мајка со осамена болка на која ѝ го убиваа синот. Таа стоеше и во наше име. Таа стоеше таму како мајка на сите живи. Таа за нас го жртвува сопствениот син. Таа за Божјата смрт во наше име го рече своето: „нека ми биде“. Таа беше Црквата под Крстот, род на децата на Ева, таа се бореше во борба со светот помеѓу Змијата и Синот на Жената. Па ако поради тоа оваа мајка ја даде на љубениот ученик, тогаш на сите нас ни ја даде својата мајка.
Синови, ќерки, еве ти мајка – ми го кажуваш тоа и мене. О, зборови на вечната волја! Под твојот Крст, Исусе, стои само оној ученик со љубов, кој од оној час ја зеде твојата мајка при себе. А сите милости на твојата смрт ги дели мајчинската чиста рака. Додели ни милост да ја љубиме и почитуваме твојата мајка. Кажи ѝ и нејзе кога ме гледаш мене бедниот: Жено, еве ти син; Мајко, еве ти ќерка.
Чистото, девствено срце требаше во име на светот да го каже своето „Да“ на гозбата за Јагнето со својата свршеница – Црквата, со човештвото што е со твојата крв измиено и откупено. Ако ме довериш на срцето на својата мајка, тогаш твојата смрт за мене нема да биде залудна, туку ќе бидам присутен кога ќе осамне денот на твојата вечна гозба, кога сите созданија засекогаш ќе бидат преобразени и вечно со Тебе ќе се здружат.
Од книгата Молитви на животот од Карл Ранер/к.мк