Жената Хананејка

Жената Хананејка

Размислување според Евангелието по Матеј 15,21-28 наменето за Седумнаесеттата недела по Педесетница

Евангелието за седумнаесеттата недела по Педесетница (Матеј 15,21-28) зборува за големата вера на жената паганка. Имено жената Хананејка, која не била просветлена од богопознанието, затоа што практикувала идолопоклонство, сепак го познала Бога. Наместо тоа, Јудеите, кои веруваа во еден Бог, не препознаа дека Тој живее меѓу нив.

Голема била не само верaта, туку и понизноста на жената. Срцето не и се скрши од гнев поради навредливата споредба. И го доби она што го бараше. Но, кој од нас е подготвен, како неа, да прифати навреда и да не се втурне во страста на помал или поголем гнев, туку да продолжи да бара од оној што те навредува? Нашиот карактеристичен одговор на навреда е да возвратиме со навреда. Понекогаш, а можеби и почесто, дури возвраќаме и посериозно и повеќе од нанесеното. Многу поретка реакција е молчењето.

Малкумина „успеваат“ во ова, бидејќи секогаш имаме што да кажеме за возврат. А уште поретка реакција е да се слушне навреда и да не се прифати како навреда, туку како нешто нормално. Што направила Хананејката. Ја слушна навредата и ја сфати сериозно. Таа не негираше, не се оправдуваше, не се налути, дури и не молчеше, туку продолжи да моли за милост. И покрај тоа што изгледаше дека нема надеж за милост. Но, таа имаше надеж, понизност и вера. И затоа имаше резултат.

Човек што мисли дека е „нешто“ не е во состојба да поднесе навреда и да се понижи да побара нешто од тој што навредува. „Зашто оној, кој што сам себе се смета за нешто, а е ништо, тој се мами самиот себе“, вели апостол Павле (Галатјаните 6,3). Па така и ние што не знаеме да трпиме навреди, се залажуваме. Се залажуваме дека сме христијани.

Христос немал намера да ја навреди жената, туку да ја прослави. Меѓутоа, ова воздигнување дојде преку понижување и навредливи зборови. Бог нема намера да нè навреди кога дозволува неволја, туку сака да нè воздигне. Наместо тоа, ние сме толку желни да бидеме возвишени што изгледаме неспособни да бидеме возвишени од Бога, на начинот и планот што Тој ги знае. Да не се залажуваме. Да не мислиме дека сме нешто, бидејќи сме ништо.

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот