Епископот Стојанов на 8 Септември повика на љубов кон татковината, мир и одговорност

Епископот Стојанов на 8 Септември повика на љубов кон татковината, мир и одговорност

На празникот Раѓање на Пресвета Богородица и Денот на независноста на Македонија, 8 септември 2026 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов служеше света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, на која упати молитва за татковината.

Со епископот Стојанов сослужуваа парохот дон Карол Томашевски и бискупскиот канцелар Марјан Ристов.

Во проповедта епископот Стојанов најнапред се осврна на празникот Раѓање на Пресвета Богородица, истакнувајќи ја радоста и благодарноста за раѓањето на онаа која го прифати мајчинството на Спасителот и стана духовна Мајка на верниците.

Посебно внимание посвети на Денот на независноста, нагласувајќи дека мирот е Божји дар и дека вистинскиот соживот значи „да не живееме еден покрај друг, туку еден за друг“.

„Секој немир е роден во човекот“, рече Стојанов, посочувајќи дека немирот започнува во човечкото срце, а потоа може да се прошири во семејството, општеството и целата татковина. Затоа, според него, мирот треба да се гради во вистина и праведност, при што „правната држава е претпоставка за мирен соживот на сите граѓани“.

Епископот нагласи дека Католичката црква сериозно гледа на одговорноста и на секој граѓанин и на секоја власт кон татковината. Како пример го наведе Исус Христос, кој живеел во конкретен народ, ја љубел својата татковина и плачел над Ерусалим, загрижен за судбината на својот народ.

Говорејќи за љубовта кон родната земја, Стојанов го истакна еден пример за човек роден во една африканска земја со италијанско потекло, кој по завршувањето на работниот век се вратил во земјата каде што бил роден, со желба повторно да ѝ биде корисен.

Во истиот контекст, епископот Стојанов го спомена и новиот скопски парох дон Карол Томашевски, кој вложува напор да научи македонскиот јазик и да чита кирилицата, посочувајќи дека неговото служење во новата средина треба да биде проследено и со поддршка од верниците, бидејќи „помошта треба да биде двонасочна“.

Преку овие примери монсињор Стојанов го постави и централното прашање на проповедта.

„Колку ние кои сме родени во оваа наша Татковина, каде го поминуваме детството, младоста и староста, знаеме да ја сакаме и почитуваме својата родна татковина Македонија?“

Стојанов потсети дека Македонија е изградена врз темелите на европската култура и цивилизација, во голем дел обликувани од христијанските вредности, и ги повика верниците да молат за својата татковина.

На крајот ја довери Македонија на застапништвото на Пресвета Богородица, молејќи за Божји благослов, мир, слога и меѓусебно разбирање меѓу сите нејзини граѓани.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот