Црквата ги слави светците во текот на целата литургиска година. Обично нивниот спомен се слави на денот кога одреден светец бил „роден за небото“, односно на денот на неговата смрт. Тој датум се смета за нивен небесен роденден.
Но Господ Исус Христос, Блажена Дева Марија и свети Иван Крстител, покрај тој „небесен“ спомен, имаат и посебно празнување на своето земно раѓање. Зошто?
Христовото раѓање
На Божиќ Црквата го слави воплотувањето на Единородниот Син Божји, Божјото Слово преку која сè е создадено. Тој „заради нас луѓето и заради нашето спасение“ стана човек, за да нè откупи од ропството на гревот и да нè воведе во Своето прекрасно Царство.
Во Него се исполнува навестувањето на старозаветните пророци за Месијата, Божјиот Слуга, Кој не доаѓа како силен цар што со оружје ќе ги скрши непријателите, туку се воплотува како беспомошно дете, далеку од раскош и моќ, на периферијата, во штала и положен во јасли.
Така, Христовото раѓање не е само почеток на еден човечки живот, туку настан на спасението: Бог влегува во човечката историја за да го обнови човекот однатре.
Раѓањето на Марија
Девојчето Марија живеело во Назарет со своите родители Јоаким и Ана. Кога пораснала, Марија се свршила со Јосиф, дрводелец од Назарет. И тој, како и Марија, потекнувал од Давидовиот род.
Неочекувано ѝ се јавил архангелот Гаврил и ѝ навестил дека ќе Го роди Синот Божји. Јосиф најпрво сакал тајно да ја отпушти својата бремена свршеница, но ангелот му се јавил и му го објаснил чудото што се случило во Марија: таа зачнала од Светиот Дух и во себе Го носи ветениот Спасител на светот.
Марија и Јосиф Го воспитувале Исус. Кога Тој пораснал, токму Мајка Му Марија го поттикнала да го направи Своето прво чудо на свадбата во Кана. Затоа верниците ја повикуваат Марија во своите потреби како голема застапничка.
Со голема болка таа ја доживеала смртта на својот Син. Доаѓањето на Светиот Дух го дочекала заедно со апостолите, па затоа ја нарекуваме и Мајка на Црквата. Како места поврзани со крајот на нејзиниот земен живот, преданието ги спомнува Ерусалим и Ефес. Според учењето на Црквата, по завршувањето на својот земен живот, нејзиниот Син ја зел со душа и тело во небесната слава.
Марија е пример на девица и мајка, но не само во биолошка смисла. Во вера и послушност таа Го роди Синот Божји на земјата. Следејќи ја нејзината светост и љубов, Црквата раѓа деца за нов и бесмртен живот.
Токму тие деца на Црквата го слават раѓањето на својот Господ, на Блажена Дева Марија и на свети Иван Крстител. Кога станува збор за другите светци, Црквата обично го слави нивното „раѓање за небото“.
Христос преку Своето човештво најдлабоко ги поврза Бога и луѓето. Улога на Марија на тој пат не го заменува Христовото посредништво, туку ја покажува неговата сила. Од нејзиното единство со Синот произлегува и нејзината посебна поврзаност со Црквата.
Раѓањето на свети Иван Крстител
Раѓањето на свети Иван Крстител е исполнето со богата симболика. На почетокот од својата бременост, Дева Марија заминала во горниот крај и влегла во домот на Захарија, каде што ја поздравила Елисавета, која го носела Иван во својата утроба.
Кога Елисавета го слушнала поздравот на Марија, детето заиграло во нејзината утроба. Црковното предание верува дека Иван, при оваа „пренатална средба“ на двајцата мали роднини, бил исполнет со Светиот Дух уште во мајчината утроба.
„Тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си“ (Лука 1,15).
Така, Иван бил очистен од првородниот грев, поради што имал клучна улога во Исусовото послание. Се гледа ли тука нивната сличност? Одговорот е повеќе од јасен.
Сепак, Марииното „да“ било темел на сите други „да“. Со раѓањето на Марија се појавила зората на спасението и надежта за целиот свет, како што еднаш рекол свети папа Павле VI.
Поврзаноста меѓу Исус, Марија и Иван
Ако внимателно го читаме Евангелието според Лука, особено првите две глави, ќе забележиме дека раѓањето на Иван и раѓањето на Исус се опишани паралелно. На тој начин се истакнува месијанската улога на Исус Христос, но и јасната разлика меѓу Господ и Иван Крстител.
Во првите две глави се забележува паралела меѓу Исус и Иван Крстител. Кај Иван, навестувањето на неговото раѓање се случува во Храмот. Кај Исус, навестувањето се случува во скромниот дом во Назарет.
Од една страна стои свештеникот Захарија, кој ја прима Божјата порака, а од друга страна стои незабележливата девојка Марија. Но додека Иван е пророк на Севишниот, Исус е Син на Севишниот.
Сцената на Благовештението, како што ја пренесува Лука, е срцето на мариологијата. Ангелот, како и во Стариот Завет, носи важна вест од Бога. Марија е претставена со име и место на живеење, но и како девица, за да се нагласи чудесноста на Христовото зачнување.
Во христолошка смисла, важно е да се покаже и нејзината свршувачка со Јосиф, но и фактот дека таа живее во скромност и послушност.
Иако претходно е најавено зачнувањето на Иван Крстител, како и многу чудесни зачнувања во Стариот Завет, Христовото зачнување се открива како единствено Божјо дело. Девица без маж не може да зачне, затоа Марија прашува: „Како ќе биде тоа?“
Токму затоа Црквата ги слави овие три раѓања: Христовото, затоа што во Него Бог стана човек; На Марија, затоа што преку неа доаѓа зората на спасението; и Ивановото, затоа што тој уште од утробата беше подготвен да биде Претеча на Господ.
ИКА/к.мк

