Во вторник 20 јуни 2023 година година, директорот на Радио Марија и парох во парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица о. Гоце Костов во посета ги прими г-ѓа Магда Качмарек и г-дин Тобиас Хепел, претставници на „Црква во неволја“, Германија.
Претставниците на „Црква во неволја“ во придружба на о. Гоце Костов ја разгледаа црквата и парохиските простории, при што беа запознати со пасторалните активности и важноста на парохијата во овој дел од градот Струмица, која оваа година слави десет години од основањето.
Во продолжение отец Гоце Костов ги истакна пасторалните придобивки и надополнувања со Радио Марија преку пренос на свети Литургии и други побожности во кои активно учествуваат верници од парохијата.
Запознавајќи ги претставниците од „Црква во неволја“ со програмската шема на Радио Марија и придонесот на верскиот дискурс во општествениот живот, истакна дека Радио Марија стана препознатлив медиум преку кој се шири пораката за љубов, заедништво и мир. Посебно беше нагласено задоволството од соработката на Радио Марија и „Црква во неволја“ во кризата со Ковид-19.
Ватикан њуз/к.мк