Ден на посветениот живот

Празникот Сретение Господово уште од 1997 година се слави во Црквата ширум светот како Ден на посветениот живот. Сите Исусови ученици преку крштението се повикани на совршенство и светост на животот. Сепак на некои Бог им дава посебна милост поконкретно да го следат и да го живеат Христос и Евангелието.

На тој повик човекот одговара преку вдахновението на Светиот Дух, а преку евангелските совети на сиромаштво, чистота и послушност влегува во посебен сталеж признат од Црквата – монашки или посветен живот.

Бог на посветените луѓе им го истакнува заедничкиот живот, споделување, простување, взаемно прифаќање, ведрина и внатрешен мир. Сите монашки заедници – зависно од својата харизма – во Црквата и светот го вршат своето сопствено послание. Нивниот живот и делување стануваат во светот знак и светло на вечниот живот, навестување на идниот свет.

Папата Иван Павле II со воведувањето на овој Ден сакаше да поттикне повеќе вреднување на сведоштвата на мажи и жени кои со животот се ангажираат до крај да го наследуваат од блиску Христос со прифаќање на евангелските совети. Се откажале од поседување и се одлучиле на живот во сиромаштво, се откажале од моќта и се заветувале на послушност, се откажале од бракот и се одлучиле на доживотна девственост.

Му благодариме на Бог за сите кои својот живот го посветиле на Господ, за нивното присуство, молитвите, работата и сведоштвото на Божјото присуство во животите на луѓето!

Да молиме за нив и за нови духовни звања:

Молитва

Семоќен Боже, Создател на сè, кој управуваш со просторот на вселената и со срцата на луѓето. Ти благодариме за повикот за служба како служители Твои во животот на Црквата. Ти, кој си Господар на историјата, поттикни многу млади срца да одговорат на Твојот повик и да Те следат со целосно предание и служење во посветениот живот. Амин.

Оче наш… Радувај се Маријо… Слава на Отецот…

Царице на Бога посветените лице. Моли се за нас!

Лаудато/к.мк/Д.И.

Категорија: Македонија

За авторот