Декрет на Светиот Стол за воспоставувањето на струмичко-скопската епархија за верниците од византиски обред во Република Македонија

Декрет на Светиот Стол за воспоставувањето на струмичко-скопската епархија за верниците од византиски обред во Република Македонија

Франциск, епископ, слуга на слугите Божји:

Нека биде на траен спомен. Господ ја возвеличува душата на оној кој со пофалби и служење на Бога ги насочува сите копнежи свои кон внатрешноста на човекот. Таквиот покажува дека држењето на Божјите заповеди заради наследувањето на Мајка Божја секогаш мисли на силата на неговата моќ, бидејќи неговото милосрдие ги прави верниците од мали и нејаки да бидат храбри и големи. Поттикнати од ова духовно убедување, во проникнувањето на благосостојбата и напредокот на целото Божјо стадо, сѐ распоредуваме во поединечни Цркви, таквото распоредување придонесува за спасение на душите и духовниот напредок на верниците. Мислејќи овде кон возљубените во Христа верници Македонци од византиски обред, сакаме што е можно повеќе да придонесеме за нивниот напредок. Според тоа, откако грижливо и трудољубиво беше проценета вредната студија на Државниот Секретаријат и по добивањето на поволното мислење од Меѓународната епископска конференција на светите Кирил и Методиј и прифаќањето на советот на нашиот почитуван брат, Префектот на Конгрегацијата за Источните Цркви, со својата целосна апостолска власт го воздигаме Апостолскиот егзархат во Македонија за верниците од византиски обред кои живеат во Македонија на Епархија со наслов и назив Успение на Пресвета Богородица во Струмица-Скопје. При што не се менува ништо, ниту седиштето на Катедралата, ниту местото на Епископската резиденција и Курија, допуштајќи ги сите стечени права и привилегии.

Одлучивме оваа Епархија да биде директно потчинета на Светиот Стол, прогласувајќи ја за нејзина Покровителка при Бога Блажена Дева Марија на Небо Вознесена, и членка на спомнатата Епископска конференција, за која говоревме погоре. Сите свештеници кои ја извршуваат својата служба на територијата на Егзархатот и питомците во Семинариите кои потекнуваат од истата територија со самиот овој факт на основување се инкардинираат и впишуваат во новоснованата епархија. Додека другото нека се одвива како што е предвидено според нормите на Канонскиот кодекс за Источните цркви.

На крајот го молиме Бога да на слабиот народ заштита му пружаат прекрасните заслуги на крстот според кој стнавме бесмртни, и по заспништвото на славната Блажена Марија секогаш Дева. Нека тој народ, патувајќи кон славата Христова, биде што посличен на својот возвишен прототип, постојано нарпедувајќи во верата, надежта и љубовта и во сѐ барајќи и вршејќи ја Божјата волја. Бараме оваа наша наредба да биде целосно и цврсто обдржувана, отфрлувајќи сѐ што би се противило на оваа.

Издадено во Рим, при гробот на св. Петар, на триесет и првиот ден од месец мај, лето Господово две илјади и осумнаесетто, шеста година од нашиот понтификат.

Пиетро кард. Паролин                                                Леонардо кард. Сандри

Државен секретар                                                  префект на Конгрегацијата

                                                                                                за Источните цркви

Леонардо Сапиенца,

апостослки протонотар

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот