Македонија во центарот на светот
На 7 мај 2019 година Македонија и Католичката црква во Македонија доживеаja историски моменти со посетата на папата Фрањо. Македонија – мала, а голема, сиромашна, а богата земја – во своите историски анали испиша уште една причина за гордост. И со право оваа посета се нарекува историска, гордо ќе потсетува на богатото минато на ова парче македонска земја, како таква ќе остане запишана во историјата. Иако беше кратка, само десет часа, Светиот Отец помина интензивна програма со девет официјални настани и средби, не вклучувајќи ги неофицијалните средби, церемониите за пречек и испраќање. И во тие десет часа Македонија и Католичката црква во Македонија беа во центарот на светот.
За прв пат еден наследник на Апостол Петар доаѓа во Македонија.
Поточно за време на неговиот престој во Македонија тој оствари средба со Претседателот на Македонија г-дин Ѓорге Иванов и Премиерот г-дин Зоран Заев, како и средба со државниот врв, граѓанското општество и дипломатскиот кор, кои се одржаа во Претседателската резиденција на Водно. Во таа прилика Светиот Отец истакна: „За прв пат еден наследник на Апостол Петар доаѓа во Република Северна Македонија. За мене е вистинска чест што можам тоа да го направам на 25. годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи со Светиот Престол, кои беа остварени неколку години по прогласувањето независноста во септември 1991 година“ – истакна Светиот Отец.
Во капелата на НУ „Спомен куќата на Мајка Тереза“ наследникот на Свети Петар се сретна со лидерите на верските заедници. Тој таму се задржа во кратка молитва во тишина пред моштиите на светицата од Скопје и измоли молитва до света Мајка Тереза. Во амфитеатарот во склоп на Спомен куќата се сретна со сиромашни лица. На централниот плоштад „Македонија“, кој собра повеќе од 15.000 луѓе, Светиот Отец служеше света Литургија во заедништво со бискупот Стојанов, кардинали, надбискупи и бискупи од регионот и пошироко. Во попладневните часови во дворот на катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје присуствуваше на екуменска и меѓурелигиска средба со млади, а веднаш потоа во катедралата следуваше средба со свештениците, нивните семејства и богопосветените лица.
Камен темелници за Светилиштата посветени на Мајка Тереза и Апостол Павле
Да потсетиме и на тоа дека Светиот Отец го благослови камен темелникот за градба на Светилиште на Мајка Тереза во Скопје, во нејзиниот роден град, како и камен темелник за Светилиштето во Паљурци, во чест на апостол Павле. Се надеваме дека во блиска иднина овие камен темелници ќе си го најдат местото за кое што се наменети.
Македонија мост помеѓу Исток и Запад
Дека посетата на Македонија кај Светиот Отец остави длабоки впечатоци, зборува и неговото обраќање на 9 јануари 2020 година на аудиенција за членовите на Дипломатскиот кор акредитиран при Светиот Престол, при што ги нарече Бугарија, Македонија и Романија мост помеѓу Исток и Запад
Македонија има вековна традиција како народ
За време на летот од Скопје до Рим, папата Фрањо разговараше со новинарите и одговараше на нивните прашања. Запрашан за неговите најсилни впечатоци од двата народи, бугарскиот и македонскиот, папата Фрањо рече „Тие се две сосема различни земји.“ Бугарија, објасни тој, е нација со вековни традиции; додека Македонија има вековни традиции, но не како земја, туку како народ. Независноста на земјата е не многу одамна, но папата Фрањо ја пофали „добрата борба“ за таа цел. Македонија е симбол на тоа како христијанството влезе на запад преку апостол Павле кој сакаше да оди во Азија, но беше повикан во Македонија. Народот во Македонија никогаш не ја пропушта можноста да нè потсети дека христијанството влезе преку нивната врата“ – рече во таа прилика Папата.
Во Македонија религијата не се толерира, туку се почитува
Петровиот наследник истакна дека во Македонија и во Бугарија православните христијански заедници, католиците и муслиманите живеат заедно. Тој го пофали фактот дека видел добри односи помеѓу различните вери во двата народи и изрази восхит за достојна „почит“ за различностите и за човековите права наместо „толеранција“
Во Македонија му остави впечаток изјавата на претседателот Иванов: Тука религијата не се толерира, туку се почитува – рече Папата и додаде: и тоа денес, во свет во кој недостасува почитување на човековите права, децата, старите лица. Тоа што почитувањето е мистика на една земја, тоа ми е посебно мило.
Во Македонија е посеано семето на културата на братство
На неколку дена пред посетата, поточно на 4 мај 2019 година, Светиот Отец упати порака во која истакнува: Денес, повеќе од кога било, има потреба и во Европа, и во целиот свет, да се развива култура на излегување во пресрет, култура на братство, и јас ќе дојдам меѓу вас, да го посеам ова семе. Сигурен сум дека вашата земја е добра, дека ќе го прими ова семе и ќе добие плодови.
Семето е посеано, земјата е добра, но плодовите и жетвата зависат од нашиот заеднички труд, како верници и како општество.
о. Гоце Костов