Да учиме од Богородичната пресретлива и служителска вера

Да учиме од Богородичната пресретлива и служителска вера

Со почитувањето на Марија значи го славиме Божјото доаѓање до луѓето, а од нејзината вера треба да учиме – порача папата Фрањо на 12 декември 2016 година вечерта за време на светата Литургија во базиликата Свети Петар по повод празникот на Пресвета Богородица од Гвадалупе.

Со почитувањето на Марија значи го славиме Божјото доаѓање до луѓето, а од нејзината вера треба да учиме – порача папата Фрањо на 12 декември 2016 година вечерта за време на светата Литургија во базиликата Свети Петар по повод празникот на Пресвета Богородица од Гвадалупе, заштитничка на Латинска Америка. Во својата проповед Папата рече дека празникот на Богородица Гвадалупска нѐ потсетува дека не сме сираци, велејќи дека таа нѐ учи да ги гледаме нашите браќа и сестри со нејзините очи полни со љубов.

Светиот Отец се осврна на Богордичното „Величај“ велејќи: Кога Бог доаѓа кај нас тогаш нѐ придвижува до таа мерка што целиот наш живот станува благослов и величање. Папата истакна дека Бог го остава човекот во „здрав немир“, а на тој немир се чувствителни сите оние кои биле испратени да ја навестуваат пораката дека Тој е жив и дека е среде својот народ. Тоа ѝ се случило и на Марија која не можела да остане „мирна“, туку заминала во посета на Елисавета.

Тоа што секако мораме да го правиме е да учиме од Богородичната пресретлива и служителска вера – продолжи Папата – да учиме од таа вера која знае да се вметне внатре во историјата за да биде сол и светлина во нашиот живот и општество. Од друга страна се пожали на моменталната насока на човечкото општество кое сѐ повеќе е обележано со знаци на поделба, разочарување и незадоволство, нарекувајќи го таквото општество општество на недоверба.

Тој го истакна парадоксот: нашето општество сака да се фали со својот научен и технолошки напредок, а нечувствително е и не ги гледа илјадниците лица кои се губат на патот, кои се исклучени од заслепувачката гордост на неколкумина. Нашиот сакан американски континент – рече Светиот Отец – се навикна да гледа на улица илјадници и илјадници деца и млади како просат и спијат на железничките станици или било каде што ќе најдат место… Тие чувствуваат дека за нив нема место во „возот на животот.“ Нормално стана исто така исклучувањето на старите луѓе кои се присилени да живеат сами затоа што според законите на пазарот не се продуктивни – рече Папата.

Соочени со таквите ситуации – продолжи – мораме со Елисавета да кажаме: Блажена си затоа што си поверувала и да учиме од пресретлива и служителска вера која ја карактеризира нашата Мајка. Светиот Отец исто така нагласи дека празникот Богородица Гвадалупска нѐ потсетува дека имаме мајка. Да ја почитуваме Марија значи пред сѐ да се сеќаваме на нашата Мајка, браќата можат да се караат, но чувството за единство секогаш преовладува – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот