Дали навистина мора сè да објавиш на социјалните мрежи

Дали навистина мора сè да објавиш на социјалните мрежи

„Дали сме свесни дека, покрај здрави очи, светот сè почесто го гледаме преку камерата на нашите мобилни телефони“.

Отсекогаш постоеле моменти што ни значеле повеќе од обичните. Таквите моменти некогаш ги чувавме само за најтесниот круг луѓе, а често само за една личност. Тоа се посебни моменти. Ги паметиме и многу често ги чувавме само за себе.

Но во последно време гледаме како, чекор по чекор, речиси сè станува јавно и видливо.

На социјалните мрежи секојдневно сме сведоци на туѓи посебни моменти, сакале или не.

Гледаме мигови на свршувачка, први чекори на дете, први изговорени зборови, моменти на простување, поздрави и изјави на љубов, изненадувања, средби и понекогаш наместени бакнежи.

Гледаме дури и моменти на лична скршеност, солзи за јавноста и наместена тага за добар кадар.

Толку многу интимни моменти станаа јавни и достапни за сите.

Не велам што е правилно, а што не. Не осудувам никого. Само размислувам на глас и поставувам прашања.

Дали сме под притисок од однесувањето на средината, па чувствуваме дека мора да одиме во чекор со сите и да го правиме она што сите го прават?

Дали можеби се чувствуваме помалку важни и помалку вредни ако не сме споделиле сè со јавноста?

Дали сакаме да изгледаме поголеми и подобри во очите на другите, па затоа имаме потреба сè да објавиме?

Зошто не ни е доволно нашиот момент да остане само наш?

Колку би било добро пред сè искрено да си го поставиме прашањето, зошто го правам ова.

Колку безобразно ова време ни ги краде драгоцените моменти. Нè влече во своите лавиринти на социјални мрежи, очекувања и навики, а потоа нè остава да лутаме и да се изгубиме.

Дали сме свесни дека, покрај здрави очи, светот го гледаме преку камерата на нашите мобилни телефони?

Наместо во живо, преку екран гледаме како нашето дете ја дува роденденската свеќичка, иако стоиме пред него.

Тука сме, а како да не сме тука.

Собравме толку многу видеа што можеби никогаш нема ни да ги погледнеме, а живиот момент го изгубивме. Поминал.

Дајте му го на царот царевото, а на Бога Божјото. Дајте му го на светот она што е световно, но она што е навистина важно чувајте го за Бога, за себе и за ближните.

Социјалните мрежи нека ни бидат алатка за добро, а не нов свет во кој живееме.

Живеј го својот живот целосно и не дозволувај моментите од животот да станат само добар материјал за објава.

Пишува фра Марин Карачиќ/к.мк

За авторот