Дали католиците треба да ги нарекуваат своите миленици „крзнени бебиња“ или да ги поистоветуваат со деца

Дали католиците треба да ги нарекуваат своите миленици „крзнени бебиња“ или да ги поистоветуваат со деца

Во современото општество, многу сопственици на домашни миленици ги нарекуваат своите животни „крзнени бебиња“ и често се однесуваат кон нив како замена за деца. Љубовта што луѓето ја чувствуваат кон своите миленици е разбирлива, па дури и пофална. Но за католиците постојат големи духовни и философски прашања поврзани со таквиот начин на говор.

Католичкото учење ја нагласува единствената достоинственост на човекот, создаден според Божјиот образ. Кога животните се издигнуваат на исто рамниште со човечките деца, се отфрла оваа основна разлика. Затоа вреди да се размисли зошто католиците треба да бидат внимателни со изрази како „крзнени бебиња“ или да ги поистоветуваат со деца и што открива таквиот јазик за нашето разбирање на човекот, семејството и создадениот свет.

Достоинството на човечкиот живот

Католичката црква учи дека секое човечко суштество има вродено достоинство, бидејќи е создадено според Божјиот образ и подобие. – сп. Битие 1,27

Ова достоинство го издвојува човекот од животните. Тие се дел од Божјото создание и заслужуваат грижа и почит, но немаат иста духовна способност и исто морално достоинство како човекот.

Катехизмот на Католичката црква тоа го кажува јасно: „Човек може да ги сака животните; но не треба кон нив да ја насочува љубовта што им припаѓа само на личностите.“ ККЦ 2418

Кога милениците ги нарекуваме „крзнени бебиња“ или ги поистоветуваме со деца, границата меѓу човекот и животното станува нејасна. Таквиот израз може да создаде впечаток дека животните и луѓето се на исто морално или семејно рамниште, што не е во согласност со католичкото учење за единствената вредност на човечкиот живот.

Оваа суптилна промена во јазикот одразува поширок културен тренд во кој вредноста на човечкиот живот често се релативизира. Во таков контекст, нарекувањето на милениците „деца“ може, дури и ненамерно, да го намали значењето на родителството, семејството и човечката личност.

Местото на животните во создадениот свет

Католичкото учење за создавањето нè повикува да ги почитуваме и да се грижиме за животните, бидејќи и тие се дел од Божјото создание. Но човекот е повикан да биде управител на создадениот свет, а не негов еднаков дел на исто духовно рамниште.

Ова се гледа уште во Книгата Битие, каде Бог им доверува на Адам и Ева одговорност над земјата и над живите суштества. – сп. Битие 1,28

Животните имаат свое место во Божјиот план, но тие не учествуваат во истата лична и духовна врска со Бога како човекот.

Папата Фрањо повеќе пати изрази загриженост за современите ставови во кои домашните миленици понекогаш се ставаат на местото на децата. На една генерална аудиенција во 2022 година рече дека некои луѓе имаат едно дете, а потоа „кучиња и мачки што го заземаат местото на децата“.

Домашните миленици можат да донесат радост, утеха и друштво. Но тие не се замена за човечките односи што го градат семејниот живот и му помагаат на човекот да расте во љубов и одговорност.

Кога милениците ги нарекуваме „бебиња“ или „деца“, постои опасност да се наруши природниот ред во создадениот свет, во кој човекот е повикан со љубов да се грижи за животните, но не и да ги поистоветува со човечки личности.

Неуредна приврзаност

Љубовта кон милениците е природна и добра. Но изразот „крзнени бебиња“ понекогаш може да укаже на неуредна приврзаност кон животните.

Католичката духовност предупредува на приврзаности што нè оддалечуваат од нашата крајна цел: единството со Бога. Свети Августин напиша: „Немирно е нашето срце додека не се смири во Тебе.“

Ова не се однесува само на желбата за богатство, моќ или признание, туку и на односите, вклучувајќи го и односот кон животните.

Претераната приврзаност кон милениците, до степен да се гледаат како деца, може понекогаш да стане и бегство од пожртвување и одговорноста што ги носат човечките односи, особено родителството.

Катехизмот нè потсетува дека не е достојно да се трошат пари за животните на начин што би ја занемарил првенствената обврска да им се помогне на луѓето во неволја. -сп. ККЦ 2418

Тоа не значи дека католиците не треба да се грижат за своите миленици. Напротив, грижата за животните може да биде знак на благодарност кон Создателот. Но потребна е правилна рамнотежа, за љубовта кон животните да не ја засени љубовта кон луѓето.

Последици за општеството

Една од подлабоките последици од нарекувањето на милениците „крзнени бебиња“ или да се постоиветуваат со деца е тоа што може да придонесе кон културен тренд во кој родителството се одложува, се потценува или се заменува со нешто полесно.

Во многу делови од светот наталитетот опаѓа. Причините се сложени и вклучуваат економски, социјални и културни притисоци. Но меѓу тие фактори постои и променет однос кон семејството, бракот и децата.

Некои парови се откажуваат од деца или ги одложуваат, додека милениците ги гледаат како замена со помалку и полесна одговорност за родителството. Во одредени урбани средини, каде домашните миленици бројчено ги надминуваат децата, оваа појава открива подлабока културна промена.

Секако, не треба да се суди секој човек или секое семејство. Постојат многу причини зошто некои луѓе немаат деца. Но нормализирањето на идејата дека милениците се исто што и деца може да ја ослаби свеста за посебното достоинство на човечкиот живот и за незаменливата вредност на семејството.

Заклучок

За католиците, семејството е темел на општеството, а децата се скапоцен дар од Бога. Домашните миленици можат да бидат извор на радост, утеха и друштво, но тие не се деца и не треба да се третираат како замена за деца.

Католиците се повикани да го бранат достоинството на човечкиот живот и да се спротивстават на културните трендови што ја замаглуваат разликата меѓу човекот и животното.

Со избегнување изрази како „крзнени бебиња“ и да ги поистоветуваме со децата, можеме да помогнеме да се зачува светоста на родителството, достоинството на семејството и правилниот ред во создадениот свет.

Животните треба да ги сакаме правилно, со грижа и благодарност. Но човекот, создаден според Божјиот образ, секогаш останува единствен и незаменлив.

Кулкатолик/к.мк

Категорија: Вера, Семејство

За авторот