Дали веруваме во реалната присутност на Господ Исус Христос во Причеста?

Дали веруваме во реалната присутност на Господ Исус Христос во Причеста?

Веруваме во реалната присутност на Господ Исус Христос во Светата Причест. Така Тој е реално присутен на секоја света Литургија. Кога светата Причест ќе се постави во црквата за обожавање, тоа всушност значи дека Господ Исус е реално присутен за нас, за да разговараме со Него. Да му ги кажеме нашите потреби, да побараме од Него благодати за нашот христијански живот.

Кога Исус ќе биде поставен за обожавање, ништо друго не може да биде поважно! Исус е присутен во црквата, а вие одите на кафе со пријателите. Исус е присутен во црквата, а вие не можете да ја испуштите серијата на телевизија. Исус е присутен во црквата, а вие не можете да одвоите еден час за него поради некој спортски натпревар. Исус е присутен во црквата, а вие имате нешто важно да завршите.

Замислете кога некој ваш омилен пејач или музичка група би одржувале некој концерт во градот, подготвени сме да платиме влезница само да бидеме присутни, да бидеме во близина со нив, да ја слушнеме нивната музика.

Замислете кога некој ваш омилен спортист или клуб би имал натпревар во вашиот град. Подготвени сме да платиме влезница само да бидеме присутни, да ја гледаме чаролијата на спортскиот натпревар, да навиваме….

Замислете кога некој ваш омилен актер би бил во градот или пак кога би се прикажувал некој филм премиерно во кој тој игра. Подготвени сме да платиме влезница само да бидеме присутни на премиерата.

И замислете сега, Исус е во црквата присутен. Колку би било убаво кога денес христијаните би ја имале истата таа ревност како љубителите на музиката, на спортот или филмот. Сигурен сум дека црквите би биле полни, како што се полни концертните, спортските и кино салите….

И не треба да замислувате, туку како христијани цврсто веруваме дека Исус е реално присутен во Црквата преку Светата Причест. Влезници нема…. А ние, каде сме во сето ова?

к.мк/го*ко

Категорија: Вера, Колумни

За авторот