Дали ангелите чувари нè гледаат кога грешиме

Дали ангелите чувари нè гледаат кога грешиме

Човекот никогаш не е вистински сам. И кога греши против Бога, неговиот ангел чувар е присутен, молејќи се за неговото преобраќање.

„Каква утеха е да се знае дека во наша близина е дух кој никогаш не нè напушта ниту за миг, дури ни тогаш кога се осмелуваме да згрешиме“, рекол свети Падре Пио.

Навистина, ангелот чувар е секогаш присутен, дури и тогаш кога човек мисли дека е сам и кога паѓа во грев. Тој постојано се моли за нас и се обидува да нè одврати од погрешен избор.

Ангелите се чисти духови, без телесно тело, и затоа се невидливи. Но, кога Бог дозволува, тие можат да се јават и во видлив облик, како што гледаме во некои места од Светото Писмо.

Понекогаш ангелите чувари дејствуваат преку конкретни знаци, а некои луѓе сведочеле дека го почувствувале нивното присуство или го слушнале нивниот глас. Света Фаустина, на пример, имала посебен однос со својот ангел чувар, кој повеќепати ѝ се јавувал.

Марија Антонија Кони, бразилска монахиња, во својата автобиографија „Под ангелски крилја“ пишува дека во голем дел од својот живот го гледала и го слушала својот ангел чувар. Таа се сеќава на еден настан од детството, кога ангелот ја спречил да направи грев.

„Зошто не можам да јадам праски како другите деца? Ја испружив раката за да земам една праска, и токму кога прстите веќе го допираа убавиот, мек плод, добив многу нежен знак од мојот нов Пријател. Мојата рака, која беше во воздухот, нежно беше спуштена од невидлива рака, а тоа го почувствував како да ме допрела вистинска личност.“

Така Марија Антонија го почувствувала присуството на својот ангел чувар, кој ја спречил да направи погрешен избор. Но, дури и кога не можеме да го видиме или почувствуваме, нашиот ангел чувар е покрај нас.

Свети Амврозиј напишал дека благородниот чувар на секој од нас не спие и не може да биде измамен. Можеме да ја затвориме вратата и да останеме во темнината на ноќта, но треба да запомниме дека никогаш не сме сами. На нашиот ангел не му е потребна дневна светлина за да ги види нашите постапки.

Затоа, секогаш кога ќе се појави искушение, добро е да се сетиме дека ангелот чувар е покрај нас, подготвен да ни помогне и да нè поткрепи.

Тој сака да ја заштити личноста што Бог му ја доверил и да ја води кон вечниот живот. Затоа е добро да го отвориме срцето за ова тивко и добронамерно присуство, дозволувајќи му да нè води по патот на добродетелта и светоста.

Алетеја/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот