Господи, својот кораб го оставам на брегот

 Господи, денес се наоѓам во својот мал кораб во разбранетото море од својот живот. Сам сум, преокупиран со своето секојдневно фрлање на мрежата за нов лов, кој обично е неуспешен. Моите мисли пак се расејани и бегаат некаде далеку, заедно со моите бројни прашања за смислата на животот, за кои никако не наоѓам одговор.

Морето е немирно, не можам да видам сѐ што се крие во него, не знам дали мојот улов ќе биде успешен или не, незнам што ме чека кога ќе се вратам и каква ќе биде мојата иднина.

И токму во еден таков вообичаен и секојдневен момент Господи ти поминуваш, поминуваш по брегот на мојот живот. Твојот поглед се сретнува со мојот и повторно Те слушам како ми велиш: Врви по мене, ќе те направам рибар на луѓе. Твојот поглед полн со љубов длабоко го опфаќа целото мое битие, а моето срце длабоко во себе го дава својот потврден одговор.

Господи, го оставам својот кораб и поаѓам по Тебе. Заедно со коработ ја оставам својата сигурност, своие планови, желби, замисли, надевања… ги оставам и сите оние кои ги сретнав за време на моето патување низ животот. Ги оставам и сите работи, за кои сметав дека ми се потребни и неопходни, а кои сепак го отежнуваа донесувањето на мојот потврден одговор: да Врвам по Тебе.

Незнам каде ме водиш и што сакаш од мене. Господи немам никакви разработени планови, поставени цели, сигурни средства… но воедно сум и сигурен: својот живот и сѐ она што го поседувам, сѐ што сум и сѐ што имам, сакам да го делам со Тебе. И уште повеќе, сѐ Ти предавам со желба Ти да ми бидеш единствена цел и смисла на моето патување и сигурно пристаниште, во кое на крајот од моето патување ќе се закотви коработ на мојот живот.

На тој пат Господи, сакам да Ти служам во секојдневните ситуации на животот, не оптеретувајќи се со прашањата за иднината, што ќе биде утре, бидејќи „денес“ е денот кој сакам да го живеам во полнина следејќи Те на Твојот пат. Твојот пат воедно е и мој. Поради тоа Те молам на тој пат да бидам Твој верен сопатник, но и ревен ученик кој, не само со разумот, туку и со срцето ќе слуша, ќе научи и ќе го живее Твоето Слово.

Својот кораб сега го оставам на брегот и заедно со Тебе одам таму каде што ќе ме пратиш Ти.

К.мк

За авторот