На Генералната аудиенција на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV ја продолжи серијата катехези посветени на документите од Вториот ватикански собор, продлабочувајќи го размислувањето за пасторалната конституција Gaudium et spes. Тој потсети дека да се биде личност значи да се доживува себеси како дар што треба да се сподели, дар што расте и созрева во прифаќање, заемност и служење, а не во затвореност во себе.
Во катехезата одржана во среда, 9 септември 2024 година, на плоштадот „Свети Петар“ пред 22.000 верници, папата Лав XIV се осврна на пасторалната конституција Gaudium et spes од Вториот ватикански собор, особено на нејзината прва глава, која зборува за достоинството на човечката личност.
Цитирајќи ја конституцијата, Папата нагласи дека достоинството на човечката личност е основа и услов за вредностите што денес се сметаат за најважни. Но тие вредности, предупреди тој, не смеат да ја изгубат врската со својот божествен извор, за да не бидат изобличени од расипаноста на човечкото срце.
Светиот Отец додаде дека Црквата дава јасен придонес токму со тоа што постојано потсетува дека човечкото достоинство произлегува од самата суштина на личноста.
Во таа смисла, тој ги спомена зборовите од својата неодамнешна енциклика Magnifica humanitas: „Достоинството на секоја личност не зависи од способностите што ги поседува, од богатството или улогата што ја има, ниту од правилните или погрешните избори што ги прави. Тоа е дар што им претходи и ги надминува, воспоставен од Бога како израз на Неговата љубов што никогаш не престанува“.
Потоа повторно се повика на Gaudium et spes, истакнувајќи дека бесконечното достоинство на човечкото битие е вкоренето во неговиот идентитет како создание создадено според Божјиот образ. Човекот е способен да Го познава и љуби својот Создател и е дел од планот и дарот на љубовта што ги надминува другите создадени реалности, доверени на неговата грижа за да управува со нив и да служи за Божја слава.
Да се биде личност, рече Папата, значи да се доживува себеси како дар што треба да се сподели. Тој дар расте и созрева преку прифаќање, заемност и служење.
Ова достоинство е доверено на одговорноста на секој човек. Во исто време, тоа бара солидарност и меѓусебна грижа, надминувајќи ги бројните изобличувања и манипулации што и денес го замаглуваат неговото разбирање и го спречуваат неговото остварување.
Поради изборите направени против човечкото достоинство низ историјата, и денес човекот се наоѓа поделен во себе, забележа римскиот бискуп. Целиот човечки живот, и личен и заеднички, носи белези на драматична борба меѓу доброто и злото, меѓу светлината и темнината.
Папата потоа нагласи дека Gaudium et spes потврдува оти човечкото достоинство се однесува на целата личност. Затоа треба да се надминат сите двојствени разбирања: човечкото битие е единство на душата и телото.
„Сведувањето на телото на предмет со кој може произволно да се располага секогаш е негирање на достоинството на личноста“, истакна Папата. Не е дозволено да се презира физичкиот живот на човекот, туку сопственото тело треба да се смета за добро и чесно, токму затоа што Бог го создал и го предодредил за воскресение во последниот ден. Истовремено, потребно е човекот да внимава да не стане роб на изопачените склоности на срцето, бидејќи сите сме ранети од гревот.
Светиот Отец ги спомена и трите најзначајни изрази на достоинството на личноста на кои упатува пасторалната конституција: разумот, кој го прави човекот неуморен трагач по вистината; совеста, преку која човекот му дава единство и смисла на својот живот; и слободата, која го прави одговорен учесник во сопствените одлуки.
„Драги браќа и сестри, создадени според Божјиот образ, преку Христос и за Него, примивме единствено и неизбришливо достоинство. Да се стремиме секогаш да го промовираме и браниме, со светлината и силата на Евангелието“, заклучи папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

