Генерална аудиенција: Црквата, како и во првите времиња, треба да го проповеда Евангелието на сите народи
На генералната аудиенција во среда 13 ноември 2024 година, Папата во својата катехеза се осврна на Маријанската побожност и „единствената и трајна, неуништлива“ врска меѓу Марија, мајката на Исус и Светиот Дух. Ги охрабри верниците да го наследуваат богородичното „да“ секогаш кога ќе се соочат со послушност што треба да се изврши или со искушение кое треба да се совлада.
Маријанската побожност е темата на катехезата на Папата на генералната аудиенција одржана на плоштадот Свети Петар. Римскиот бискуп истакна дека „помеѓу различните средства со кои Светиот Дух го извршува своето дело на осветување во Црквата – Словото Божјо, Светите Тајни и молитвата – многу посебна е побожноста кон Богородица“. Тој потсети дека во католичката традиција секогаш постои изреката „До Исус преку Марија“.
Богородица ни го покажува Исус и ни ја отвора вратата. Секогаш Богородица не води за рака кај Исус. Богородица никогаш не упатува на себе, туку секогаш на Исус. Тоа е Маријанска побожност – доаѓаме кај Исус преку рацете на Богородица.
Папата додаде дека „Марија, како прва ученичка и праслика на Црквата, е и писмо напишано со Духот на живиот Бог. Токму затоа може да ја познаат и да ја прочитаат сите луѓе, дури и оние кои не можат да читаат теолошки книги“.
Кажувајќи го своето „да“, нејзиниот Fiat (нека биде) на ангелското навестување, Марија прифати да биде мајка на Исус и како да му рече на Бога: „Еве ме, јас сум плоча за пишување: Писателот нека пишува што сака, Господар на сé нека прави со мене што сака“. Во тоа време беше вообичаено да се пишува на восочни табли; денес би кажале дека Марија се принесува на Бога како празна страница на која може да напише што сака.
Светиот Отец додаде дека „среде бескрајната поплава од зборови што се зборуваат и пишуваат за Бога, Црквата и светоста, Марија предлага само два збора што секој, дури и наједноставниот, може да ги каже во секоја прилика: „Еве ме“ и „Fiat“ и нагласи дека „Црквата во секој период од својата историја, а особено во овој момент, се наоѓа во ситуација во која беше христијанската заедница по Христовото вознесение на небо. Мора да го навестува Евангелието на сите луѓе, но чека „сила одозгора“ да може да го направи тоа“.
На крајот Папата потсети дека свети Фрањо од Асизи во една запишана молитва, ја поздравува Девицата како „Ќерка на Отецот, Мајка на Синот и Свршеница на Светиот Дух“, додавајќи дека „единствениот однос на Марија со Пресветата Троица не може да се опише со поедноставни зборови“.
Марија е свршеница, но пред тоа, таа е ученичка на Светиот Дух. Да научиме од неа како да бидеме поучливи со вдахновението на Духот, особено кога Тој ни предлага „брзо да станеме“ и да одиме да помогнеме некому на кого му требаме, како што направи Марија веднаш откако ангелот си отиде од неа“, рече на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк