Генерална аудиенција: Светото Писмо е неисцрпно богатство и место на средба помеѓу Бог и човекот
Светото Писмо е неисцрпно богатство; напишано е за мажи и жени кои имаат име и презиме. Ова го истакна папата Фрањо за време на Генералната аудиенција во среда 27 јануари 2021 година, потсетувајќи дека познавањето на Словото не е прашање на механичко повторување, туку дека тоа е место каде Бог ги сретнува сите луѓе и не ги остава работите какви што биле порано. Катехезата на папата Фрањо ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Денес ќе се задржам на молитвата која можеме да ја молиме врз основа на некој библиски пасус. Зборовите на Светото Писмо не се напишани за да останат заробени на папирус, пергамент или хартија, туку за да ги прифати човекот кој моли и тие во неговото срце да пуштат свој никулец. Словото Божјо допира во срцето. Катехизмот вели: „Молитвата треба да биде придружувана со читање на Светото Писмо – Библијата не може да се чита како што се чита некој роман – туку за да се воспостави разговор помеѓу Бог и човекот“ (бр. 2653). Кон тоа води молитвата, бидејќи таа е дијалог со Бога. Тој библиски стих е напишан и за мене, со векови порано, за да ми го донесе Словото Божјо. Напишан е за секој од нас. Сите верници го имаат ова искуство: Некој дел од Светото Писмо, кој сме го слушнале многу пати, еден ден одеднаш ми прозборува и ја расветлува ситуацијата низ која минувам. Но, тој ден, мора да бидам таму, на средба со тоа Слово Божјо, морам да бидам таму и да го слушам тоа Слово Божјо. Секој ден Бог поминува и го сее семето во почвата на нашите животи. Не знаеме дали денес ќе пронајде сува почва, трње или добра почва во која посеаното семе ќе ги изникне (сп. Марко 4, 3-9). Од нас зависи, од нашата молитва, од отвореното срце со кое пристапуваме кон Светото Писмо, дали тоа ќе стане живо Божјо Слово за нас. Бог постојано минува преку Светото Писмо. Ќе го повторам она што го реков минатата недела, оние зборови на Свети Августин: „Се плашам од Господ кога поминува“. Која е причината за тој страв? Се плашам да не го слушнам, да не забележам дека тоа е Господ.
Преку молитвата се случува како некое ново воплотување на Словото. И ние сме „дарохранителница“ во која Божјото Слово сака да биде примено и чувано, за да може да го посети светот. Затоа треба да се пристапи кон Библијата без скриени мотиви, без нејзино инструментализирање. Верникот во Светото Писмо не бара поддршка за сопственото филозофско гледиште или моралното сфаќање, туку затоа што се надева на средба; тој знае дека тие зборови се напишани преку Светиот Дух и затоа со истиот тој Дух треба да бидат прифатени, разбрани, за да може да се дојде до средба.
Помалку ми пречи кога слушам како христијани рецитираат библиски стихови како папагали. „О да, Господ вели… тој го сака така…“. Но, дали некогаш сте се сретнале со Господ, со тој стих? Не станува збор само да се запамети стихот, туку се работи за сеќавање во срцето, она сеќавање кое те отвора да се сретнеш со Господ. И тоа Слово, тој стих, доведува до средба со Господ.
Значи Писмата ги читаме за да нѐ ‘чита’ тоа нас. Благодат е кога можеме да се препознаеме во оваа или онаа личност, во оваа или онаа ситуација. Библијата не е напишана општо за човечкиот род, туку за нас, за мене, за вас, за мажите и жените од крв и месо, мажи и жени со име и презиме, како мене, како вас. И Словото Божјо, проткаено со Светиот Дух, кога ќе го примиме со отворено срце, никогаш не ги остава работите како порано, нешто менува. И тоа е благодатта и силата на Божјото слово.
Христијанската традиција изобилува со искуства и размислувања за молитва со Светото Писмо. Посебно е позната методата „lectio divina“, којa се појави меѓу монасите, а којa сега се практикува и меѓу верниците во парохиите. Прво, внимателно се чита одреден пасус и би кажал со „понизност“ кон текстот за да се разбере што значи само по себе. После тоа, се влегува во дијалог со Светото Писмо, така што овие зборови стануваат причина за медитација и молитва: секогаш држејќи се строго на текстот, започнуваме да се прашуваме „што ми зборува на мене овој текст“. Тоа е чувствителен чекор: не смееме да влегуваме во субјективистички толкувања, туку да го следиме живиот пат на Традицијата, која секој од нас го поврзува со Светото Писмо. И последниот чекор од lectio divina е контемплацијата. Тука зборовите и мислите отстапуваат место на љубовта, како меѓу вљубените кои понекогаш во тишина само се гледаат. Библискиот текст останува, но како некое огледало, како некоја слика за која треба да се замислиме. И така се доаѓа до дијалог.
Преку молитва, Словото Божји доаѓа да живее во нас и ние пребиваме во него. Зборот вдахновува добри намери и поддржува ангажирање; ни дава сила, ни дава радост и ведрина, па дури и кога во нас предизвикува криза, ни дава мир. Во деновите кога сè оди „наопаку“ и кога се чувствуваме збунето, тоа на срцето му обезбедува срж на доверба и љубов и го штити од налетот на злото.
Така, Словото Божјо станува тело – си дозволувам да го употребувам тој израз: станува тело – кај оние што го прифаќаат во молитва. Во некои древни текстови се појавува сфаќањето дека христијаните толку многу се поистоветуваат со Словото, што дури и да бидат изгорени сите Библии во светот, нејзината „матрица“ би била зачувана благодарение на отпечатокот што го оставила во животот на светците. Колку е убаво тоа!
Христијанскиот живот во истиот миг е чин на послушност и создавање. Добриот христијанин мора да биде послушен, но мора да биде насторен создателски. Послушен, затоа што го слуша Словото Божјо; создателски насторен, затоа што тој го има Светиот Дух во него кој го охрабрува да го спроведе во дело, да пренесе понатаму. Исус го вели тоа на крајот од говорот во една од неговите параболи, користејќи ја следнава споредба: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо.” (Матеј 13,52) Библијата е непересушно богатство. Господ нека ни даде на сите преку молитва да потонеме уште подлабоко во него. Ви благодарам!