На генералната аудиенција, папата Фрањо ја осуди рамнодушноста кон мигрантите кои умираат поминувајќи низ пустини и мориња во потрага по подобар живот. Повика на глобално управување со миграцијата засновано на правда, братство и солидарност.
Одложувајќи ја вообичаената катехеза како дел од циклусот за Светиот Дух, Папата се фокусираше на неволјите со кои се соочуваат мигрантите и ги истакна зборовите „море“ и „пустина“, кои често се повторуваат во многу сведоштва на мигрантите и оние кои се залагаат за да им помогнат. Со овие зборови се обиде да ги опфати сите физички пречки и опасности кои мигрантите треба да ги поминат на својот пат.
„Многу пати сум зборувал за Медитеранот, затоа што сум Римски биксуп и затоа што тој симболично се нарекува mare nostrum, место на комуникација меѓу народите и цивилизациите, а стана гробишта. А трагедијата е што многумина, повеќето од оние што ги загубија животите таму, можеа да бидат спасени. Треба јасно да се каже: има и такви кои систематски и со сите средства работат на протерување на мигрантите. А тоа, кога се прави свесно и одговорно, е тежок грев“.
Морето и пустината се полни со симболика во Библијата. „Тие места сведочат за драмата на бегството на народите, бегајќи од угнетување и ропство. Тоа се места на страдање, страв, очај, но во исто време се и места на премин за ослободување, за откупување, за постигнување слобода и исполнување на Божјите ветувања“, рече Папата. Самиот Бог, за да го придружува народот на патот кон слободата, ги преминува морето и пустината. „Не останува на дистанца, не, ја дели драмата на мигрантите, тој е таму со нив, страда со нив, плаче и се надева со нив“, потсети Светиот Отец.
Тој понатаму рече дека секој може да се согласи дека мигрантите не треба да бидат во овие смртоносни ситуации. Но, тоа нема да се избегне со порестриктивни закони, милитаризација на границите и отфрлање. Наместо тоа, неопходно е да се прошират сигурни и редовни пристапни рути за мигрантите, да им се овозможи на оние кои бегаат од војни, насилство, прогон и разни катастрофи полесно да најдат засолниште, да се промовира, на сите можни начини, глобално управување со миграцијата засновано на правда, братство. и солидарност и здружување на силите во борбата против трговците со луѓе кои безмилосно го искористуваат човечкото страдање, истакна Папата.
Своето обраќање Папата го заврши со оддавање признание на сите оние кои помагаат и спасуваат повредени и напуштени мигранти. „Овие храбри мажи и жени се знак на хуманост која не дозволува да биде заразена од злата култура на рамнодушност и расипништво“, нагласи тој, додавајќи дека дури и ако не може да се биде „на првата линија“ во оваа цивилизациска борба, има многу начини да го дадете својот придонес, пред се преку молитва.
Ватикан њуз/к.мк