Во својата катехеза на Генералната аудиенција одржана на 1 октомври 2025 година на плоштадот „Свети Петар“, Папата се задржа на темата за Воскресението на Исус за да нагласи дека Бог „не се откажал од нас“ дури и пред нашите слабости, и ги повика верниците да бидат сведоци на мир посилен од секој пораз: да бидат близу до оние кои се заробени во страв и вина.
„Центарот на нашата вера и срцето на нашата надеж се цврсто вкоренети во Христовото воскресение“ – со овие зборови папата Лав XIV ја започна својата катехеза. Таинството на Воскресението, рече тој, е изненадувачка не само затоа што Синот Божји воскресна од мртвите, туку и поради начинот на кој тоа се случи.
Воскресение како љубов, а не одмазда
Исусовото воскресение не е триумф со бучава, ниту одмазда или реванш кон неговите непријатели. Тоа е сведоштво дека љубовта е способна повторно да се издигне по секој пораз и да продолжи по својот незапирлив пат. Човекот, кога ќе биде повреден, често прво чувствува гнев и желба некој да плати за неговата болка. Воскреснатиот Христос не постапува така. Тој не се враќа со знаци на моќ, туку кротко ја пројавува радоста на љубовта – љубов посилна од секоја рана и од секое предавство.
Христос без горчина
Воскреснатиот не чувствува потреба да ја потврдува својата надмоќ. Тој се јавува на своите ученици тивко, со трпение поради нивната неподготвеност да го примат. Единствената негова желба е повторно да биде со нив и да им помогне да ја надминат вината. Во горната соба, каде што се собрале во страв, Исус им доаѓа и им носи дар за кој не ни помислувале – мирот.
Христос е целосно помирен со сè што претрпел. Раните Негови не се знак на прекор, туку сведоштво за љубов посилна од неверството. Тие сведочат дека дури и во моментите на нашите сопнувања Бог не се повлекол, не се откажал од нас. Сега Господ се јавува без оружје и без моќ, без да уценува или да бара. Неговата љубов не понижува: тоа е мир на Оној кој страдаше од љубов и кој сега потврдува дека сè вредело.
Раните како знак на прошка
Папата потсети дека често ги криеме своите рани од гордост или страв да не изгледаме слаби. Но Исус не го прави тоа. Тој ги покажува своите рани како гаранција за прошка. Така воскресението не станува бришење на минатото, туку негово преобразување во надеж исполнета со милосрдие.
„Мир вам“ – повторува Господ, додавајќи: „Како што Мене Ме испрати Отецот, така и Јас ве праќам вас.“ Со тоа им доверува на апостолите послание кое не е моќ, туку одговорност: да бидат средство за помирување во светот.
Силата на Црквата е љубовта
Исус им го дава Светиот Дух. Од тој момент апостолите не можат повеќе да молчат: тие се сведоци дека Бог простува, воздигнува и ја обновува довербата. Тоа е сржта на посланието на Црквата: не власт над другите, туку радост пренесена на оние што биле сакани дури и кога не го заслужувале тоа.
Оваа сила – љубовта што воскреснува – ја изградила христијанската заедница: луѓе кои ја откриле убавината на животот што се враќа и се дава за другите.
Повик до верниците
„Драги браќа и сестри, и ние сме испратени,“ рече Папата. „Господ ни ги покажува своите рани и вели: Мир вам. Не плашете се да ги покажете своите рани излечени од милоста. Не плашете се да им пристапите на оние кои се затворени во страв или вина. Нека здивот на Духот нè направи сведоци на овој мир и на оваа љубов посилна од секој пораз.“
Ватикан њуз/к.мк