Генерална аудиенција во среда: Христијанската надеж не е некој оптимизам, туку очекување на повторното Христово доаѓање

Христијанската надеж не е некој оптимизам, туку очекување на повторното Христово доаѓање. Ова е главната мисла од катехезата на папата Фрањо на 15 окотмври одржана на плоштадот Свети Петар пред околу 50.000 верници.

**********************************

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во последно време зборувавме за Црквата, за нашата света мајка хиерархиската Црква, Божјиот народ кој патува. Денес сакам да се запрашаме: што ќе биде на крајот со Божјиот народ! Што ќе биде со секој од нас ? Што треба да очекуваме? Апостол Павле ги охрабрува христијаните од заедницата во Солун, кои ги поставувале истите тие прашања и по своето образложение ги кажале овие зборови кои се вбројуваат меѓу најубавите во Новиот завет: „И така ќе бидеме секогаш со Господ“ (1Сол 4, 17). Тоа се едноставни зборови, но во нив е концентрирана многу голема надеж! Значајно е дека Иван во Книгата на Откровението, враќајќи се на интуицијата на пророците, ја опишува последната, дефинитивна димензија во следните изрази: „ Тогаш јас, Иван, го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста, промената за својот маж.“ (Отк. 21, 2). Ете, што нè чека! Ете, што е Црквата: тоа е Божјиот народ кој го следи Господ Исус и кој се подготвува  од ден на ден за средба со Него, како свршеницата за својот свршеник. И тоа не е само обичен израз: тоа ќе биде вистинска и права свадба! Да, бидејќи Христос, станувајќи човек како нас и правејќи го секој од нас едно со Себе, со својата смрт и воскресение, навистина нè сврши и направи од нас народот како своја свршеница. А тоа не е ништо друго, туку исполнување на планот на заедништво и љубов кој Бог го гради во текот на целата историја, историјата на Божјиот народ како и историјата на секој од нас. Господ е тој кој тоа го води.

Има уште еден елемент кој дополнително нè теши и кој ни го отвора срцето: Иван ни вели дека во Црквата, Христовата Свршеница, видлив е „новиот Ерусалим“. Тоа значи дека Црквата освен што е свршеница, повикана е да стане град, симбол par excellence на човечки соживот и релации. Колку е убаво, веќе сега да можеш да контемплираш кон другата многу сугестивна слика од Откровението, сите народи собрани заедно во тој град, како во некој шатор, „Божјиот шатор“ (Отк 21, 3)! Во таа атмосфера на славење нема повеќе да има осаменост, отстапување, ниту било какви разлики – од општествена, етничка и религиозна природа – туку сите ќе бидеме едно во Христос.

Во светло на таа чудесна и убава сцена, нашето срце мора да почувствува силно зацврстување во надежта. Видете, христијанската надеж  не е едноставно желба, обележје, не е оптимизам: за христијаните надежта е очекување, ревносно, со нетрпение очекување на последното, конечното исполнување на таинството, таинството на Божјата љубов, во кое сме повторно родени и веќе живееме. Тоа е очекување на некој кој доаѓа: Христос Господ кој секој ден е се поблиску и кој доаѓа да нè воведе конечно во полнината на своето заедништво и својот мир. Црквата има задача да го одржува запалено и јасно видливо светлото на надежта, да може да продолжи да свети како сигурен знак на спасението и да може на целиот човечки род да му го осветлува патот кој води во пресрет на Божјото милосрдно лице.

Драги браќа и сестри, ете што очекуваме: Исусовото враќање! Црквата свршеница го чека својот Свршеник! Мораме, многу искрено да се запрашаме: дали навистина сме светли и веродостојни сведоци на тоа очекување, на таа  надеж? Живее ли нашата заедница сеуште во знакот на присуството на Господ Исус и во искреното очекување на Неговото доаѓање, или сме уморни, троми и без волја? Дали сме во опасност да го снема маслото на верата, радоста? Да бидеме будни!

Да ја повикаме Дева Марија, мајка на надежта и царица на небесата засекогаш да го сочуваме ставот на слушање и очекување, за да бидеме во можност веќе сега да бидеме исполнети со Христовата љубов и еден ден да бидеме учесници во вечната радост, во полнината на заедништвото со Бог и не заборавајте, никогаш не заборавајте: „И така секогаш ќе бидеме со Господ“ (1Сол 4, 17).

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот