Генерална аудиенција: Бидете воодушевени навестители на Евангелието

Генерална аудиенција: Бидете воодушевени навестители на Евангелието

Во катехезата на Генералната аудиенција одржана на плоштадот Свети Петар, Папата зборуваше за Французинката Маделин Делбрел, пример за восхитено навестување на Евангелието, која својата духовност ја нарече „духовност на велосипед“: само со одење, трчајќи може да се живее стабилно верата; кој ќе застане, ја губи

Евангелизирајќи ги другите, самите се евангелизираме – според папата Фрањо, вака нè учи преподобната Божја слугинка Маделин Делбрел, Французинка родена 1904 година, која починала во 1964 година. Како социјална работничка, писателка и мистичарка, таа живеела меѓу работниците на периферијата на Париз повеќе од 30 години. Продолжувајќи ја серијата катехези за апостолската ревност, папата Фрањо во среда, 8 ноември 2023 година, на Генералната аудиенција ја истакна како сведок за восхитено евангелизирање.

Како на велосипед – имаме рамнотежа само ако сме во движење

Медлин Делбрел го запознала Бога во своите дваесетти години и била „заслепена“ од него толку многу што решила целиот свој живот да го посвети на Господ, едноставно споделувајќи го братски животот со луѓето од улица. Каква била духовноста на Медлин може јасно да се види од едно нејзино дело што го цитираше Папата, додавајќи дека таа самата ја нарече „духовност на велосипедот“:

За да бидеме со Тебе на Твоето патување, треба да одиме, дури и кога нашата мрзеливост не моли да останеме. Ти нѐ избра да бидеме во некоја чудна рамнотежа, рамнотежа која може да се воспостави и одржува само во движење, само во занес. Скоро како велосипед, кој не останува исправен ако не се движи (…) Можеме да стоиме исправено само одејќи напред, движејќи се занесени од милосрдието.

Да се донесе Бог на оние кои уште го немаат пронајдено

Преподобната слугинка Божја дозволува да биде испровоцирана од плачот на сиромашните. Таа чувствувала дека живиот Бог на Евангелието треба да гори во нас додека не го пренесеме неговото име на оние кои сè уште го немаат пронајдено – истакна Папата и додаде:

Во тој дух, соочувајќи се со немирите на светот и плачот на сиромашните, Медлин се почувствува повикана да ја живее љубовта кон Исус потполно и буквално (…), така што, сакајќи го безрезервно и дозволувајќи си да биде сакана до крај, двете големи заповеди на љубовта ќе се воплотат во нас и ќе станат едно.

Господ не повикува да живееме во нашето време

Таа Французинка и мистичарка нè учи – според зборовите на Папата – дека со евангелизирањето на другите, ние самите се евангелизираме; евангелизирајќи се евангелизираме. Затоа, истакна:

Гледајќи ја оваа жена која сведочи за Евангелието, исто така учиме дека во секоја лична или општествена ситуација и прилика, Господ е присутен и нè повикува да живееме во нашето време, да учествуваме во животите на другите, да се мешаме во радостите и болките на светот. Конкретно, нè учи дека дури и секуларизираните средини ни помагаат да се преобратиме, бидејќи контактите со неверниците ги поттикнуваат верниците постојано да го преиспитуваат својот начин на верување.

Медлин Делбрел нека нѐ научи да ја живееме верата „во движење“, во навестување на Евангелието и во љубовта – рече папата Фрањо.

„Кога веќе сме го запознале Словото Божјо, немаме право да не го примиме; штом ќе се воплоти во нас, немаме право да го чуваме за себе: од тој момент припаѓаме на оние што го очекуваат. (Медлин Делбрел)“

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот