Генерална аудиенција: Дева Марија е совршен пример за повикот на Црквата

Генерална аудиенција: Дева Марија е совршен пример за повикот на Црквата

За време на Генералната аудиенција, а на празникот на Пресвета Богородица од Фатима, 13 мај 2026 година, папата Лав XIV во катехезата зборуваше за Пресвета Дева Марија како совршен пример, член и мајка на Црквата. Катехезата ја пренесуваме во целост, во неофицијален превод.

Драги браќа и сестри,

денес, 13 мај, се чествува споменот на блажена Дева Марија од Фатима. На овој датум, пред 45 години, токму за време на Генералната аудиенција овде, на плоштадот „Свети Петар“, свети Иван Павле II го преживеа атентатот, благодарение на заштитата на Пресвета Богородица, како што самиот го потврди тоа на многу начини. Затоа денешната катехеза, чија тема е „Дева Марија, образец на Црквата“, сакам да му ја посветам на овој мој свет претходник, чие мото беше „Totus tuus“.

Вториот ватикански собор сакаше последната глава од Догматската конституција за Црквата да ѝ биде посветена на Дева Марија (сп. Lumen gentium, 52-69). Таа е „прогласена како највозвишен и сосема единствен член на Црквата, и како нејзин најсовршен образец и пример во верата и љубовта“ (бр. 53). Овие зборови нè повикуваат да сфатиме како во Марија, која под дејството на Светиот Дух Го прими и Го роди Синот Божји, станат тело, можеме да ги препознаеме и образецот, и возвишениот член, и мајката на целата црковна заедница.

Дозволувајќи да биде обликувана од делото на благодатта што во неа се исполни, и примајќи го дарот на Севишниот со својата вера и девствена љубов, Марија е совршен образец на она што целата Црква е повикана да биде: создание на Господовото слово и мајка на Божјите деца, родени во послушност за делувањето на Светиот Дух.

Како верничка во најдлабока смисла, во која ни е дадена совршената форма на безусловна отвореност кон Божјата тајна во заедништвото на светиот Божји народ, Марија е највозвишен член на црковната заедница. А бидејќи раѓа деца во Синот, љубени од Вечниот Возљубен Кој дојде меѓу нас, Марија е мајка на целата Црква, која може да ѝ се обраќа со синовска доверба, сигурна дека ќе биде слушната, чувана и љубена.

Сите овие особености на Дева Марија можат да се изразат ако за неа зборуваме како за жена икона на Тајната. Со зборот жена се истакнува историската конкретност на оваа млада ќерка на Израилот, на која ѝ беше дадено извонредното искуство да стане Мајка на Месијата. Со изразот икона се нагласува дека во неа се исполнува двојното движење на слегување и воздигнување: во неа блескаат и Божјиот бесплатен избор и слободната согласност на верата во Него. Затоа Марија е жена икона на Тајната, односно на Божјиот план за спасение, некогаш скриен, а во полнота откриен во Исус Христос.

Соборот ни остави јасно учење за местото што ѝ припаѓа на Дева Марија во делото на откупувањето (сп. Lumen gentium, 60-62). Тој потсети дека единствен Посредник на спасението е Исус Христос (сп. 1 Тим. 2,5-6) и дека Неговата Пресвета Мајка „на никаков начин не ја засенува ниту ја намалува оваа единствена Христова посредничка служба, напротив, ја покажува нејзината сила“ (LG, 60).

Истовремено, „Пресвета Дева, предодредена од вечноста како Божја Мајка заедно со воплотувањето на Словото, […] на сосема единствен начин соработуваше во делото на Спасителот со послушност, вера, надеж и горлива љубов, за обновување на натприродниот живот на душите. Затоа таа е наша мајка во редот на благодатта“ (LG, 61).

Во Дева Марија се одразува и тајната на Црквата. Во неа Божјиот народ ги наоѓа претставени својот почеток, својот образец и својата татковина. Во Мајката Господова Црквата ја созерцува сопствената тајна, бидејќи во неа го наоѓа образецот на девствената вера, мајчинската љубов и свршеничкиот сојуз на кои е повикана, а особено затоа што во неа го препознава својот праобраз, идеалната слика на она што е повикана да биде.

Како што може да се види, размислувањата за Дева Марија собрани во Lumen gentium нè учат да ја љубиме Црквата и во неа да служиме на исполнувањето на Божјото Царство, кое доаѓа и кое во полнота ќе се оствари во славата.

Затоа, да дозволиме да нè допре овој возвишен образец, Марија, Девица и Мајка, и да ја молиме таа да ни помогне со своето застапништво да одговориме на она што се бара од нас преку нејзиниот пример: дали со понизна и активна вера ја живеам својата припадност на Црквата? Дали ја препознавам заедницата на сојузот што Бог ми ја дарува, за да одговорам на Неговата бескрајна љубов? Дали гледам на Марија како на образец, возвишен член и мајка на Црквата, и дали ја молам да ми помогне да бидам верен ученик на нејзиниот Син?

Сестри и браќа, Светиот Дух, Кој слезе врз Марија и Кого ние Го повикуваме со понизност и доверба, нека ни даде во полнота да ги живееме овие прекрасни вистини. И откако продлабочено размислувавме за Конституцијата Lumen gentium, да ја молиме Дева Марија за нас да го измоли овој дар: во сите нас да расте љубовта кон Светата Мајка Црква. Нека биде така!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот