Светскиот ден на болни во Струмица е прославен со света архиерејска Литургија, која ја служеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов во недела 12 февруари 2023 година во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, на која сослужуваа свештеници од Струмичко – скопската епархија. Покрај верниците од парохијата присустваа сестри Евхаристинки, болни лица, здравствени работници како и вернци од околните парохии.
Во својата проповед епископот Стојанов најпрво се осврна на Неделата на Блудниот син и празникот свети Три Светители, а потоа потсети дека години наназад во катедралата традиционално се слави празникот на Мајка Божја Лурдска, а со тоа и Денот на болните, па така во центарот на неговата проповед беше Мајка Божја Лурдска, која се објави во Лурд на света Бернардета со зборовите ‘Јас сум Безгрешно’ зачната и додаде: „Од тој ден 1858 година сé до денес тешко можеме да изброиме колку групи на болни дошле или се донесени пред Масабелската пештера во Лурд и се поставува прашањето дали сите оздравеа? Да, можеби чудно звучи самиот одговор, но не треба да се чудеме, сите духовно оздравеа и токму тоа е тајната на Лурд, сите кои таму доаѓаат на поклононие доживуваат духовна обнова (…)“
Епископот Стојанов ја истакна пораката од Лурд, а тоа е дека од страданијата се раѓа љубов, а со љубовта човек станува сличен на Бога и рече: „Страданието и болката немаат во себе смисла, туку само доколку се прифатат добиваат смисла во животот за спасение на светот.“
Во продолжение на проповедта повика да ја молиме Марија Утешителка на тажните и здравје на болните за да нé застапува пред Господа Бога и на оваа место во катедралата да бидеме храбри застапници на нашиот народ.
Епископот Стојанов се заблагодари на сите тие кои за овој ден се погрижија болните да бидат во катедралата, како и на оние кои се грижат за нив дома, во домовите за стари лица, медицински установи, како и на домашните духовни и медицински лица посакувајќи Блажена Дева Марија да им биде најголема награда и утеха, а Божјиот благослов секогаш и насекаде да ги прати.
На крајот од светата Литургија следуваше процесија околу катедралата со статуата на Пресвета Богородица, а заврши со молитва за болните.
За време на светата Литургија пееше Катедралниот хор предводен од с. Тереза Стојкова, а Радио Марија од настанот вршеше директен пренос.
к.мк