На празникот Крштение Господово, Папата во недела 7 јануари 2024 година во Сикстинската капела крсти 16 деца со учество на нивните родители и кумови. „Тие се протагонисти денес затоа што ќе го добијат најубавиот дар: верата“
Ден во кој децата не само што се во центарот, туку стануваат вероучители, бидејќи нè учат како да го примиме големиот дар на крштение.
Верата, најубавиот дар
Со овие неколку едноставни, но значајни зборови, папата Фрањо го истакна овој факт во прекрасниот простор на Сикстинската капела, на празникот Крштение Господово, крштевајќи 16 деца, меѓу кои и две близнаци:
Тука сме да крштеваме, да им го дадеме дарот на верата на нашите деца. Тие се протагонисти на оваа свеченост: можат да зборуваат, да одат, да викаат… Тие заповедаат, бидејќи тоа е нивно славење и ќе го добијат најубавиот дар: дарот на верата, дарот Господов.
Детски „концерт“ во Систинската капела
Децата се протагонисти на ова славење – повтори Римскиот бискуп. Неговите зборови повремено беа прекинувани со плач или благ глас на некој од 16-те мали протагонисти на денешниот ден.
Ако плачат – засега се тивки, но доволно е еден да засвири една нота и концертот почнува – нека плачат – рече Светиот Отец.
Присутните го слушаа папата Фрањо, а величественоста на Сикстинската капела отстапи место за интимноста на семејниот дом, но со целосна почит кон местото и Светата Тајна што Папата ја подели: децата си играа и ги гледаа своите новокрстени браќа и сестри, семејствата радосно се прегрнуваа.
Деца – вероучители
Овие деца – истакна Папата – се сведоци како се прима верата: со невиност, со отворени срца. Обраќајќи им се на родителите и кумовите, рече:
Сакам вашиот живот да им биде од помош на овие деца; да им помогнете да растат и да ги придружувате во нивниот раст, затоа што ова е начин да им помогнеме да расте верата во нив. Ви благодарам многу за вашето сведоштво, што ги донесовте тука за да ја примат верата.
Не гаснете ја светлината на верата
Размислувајќи за светлината на свеќата, папата Фрањо ги охрабри присутните семејства да го зачуваат овој важен симбол: Во тешки моменти, однесете ја оваа свеќа дома. Погледнете ја во тешки моменти. Таа свеќа нè враќа на нашите христијански корени: никогаш не смееме да ја изгасиме во нашите срца.
Како роденден
На крајот од прославата, уште еднаш заблагодарувајќи им се на родителите што им дадоа можност на децата да бидат крстени, Светиот Отец ги поттикна да го паметат тој датум, како роденден:
Нека го знаат датумот на нивното крштевање. Тоа е датумот на раѓање. Станав христијанин со крштението. Научете ги децата на тоа за да можат да го слават секоја година.
Ватикан њуз/к.мк