Виртуелна средба за Денот на богопосветените лица

Виртуелна средба за Денот на богопосветените лица

Во предвечерието на Светскиот ден на Богопосветените лица 1 февруари 2021 година се одржа виртуелна средба, на која учествуваа свештениците и богопосветените лица од Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија, како и претставници на Движењето на Фоколарите и Неокатехуменскиот пат.

Средбата започна со краток вовед од дон Паво Шекерија, а о. Марјан Ристов го прочита Словото Божјо за кое потоа бискупот Стојанов упати пригодно размислување.

На почетокот од неговото обраќање бискупот Стојанов осврнувајќи се на пандемијата и промените во начинот на живеење кои ги донесе, со што е оневозможено да се одржи со физичко присуство оваа средба, ја искористи можноста и на овој начин преку видео средба да го упати своето размислување по повод Меѓународен ден на посветениот живот.

Бискупот Стојанов се осврна на почетоците на Меѓународен ден на посветениот живот, образложувајќи ги причните кои го поттикнале свети Иван Павле II. да го воспостави овој ден.

Потоа премина на размислување на Словото Божјо кое Црквата го наменува за празникот Сретение односно Прикажување на Господ во Храмот. При тоа потсети дека Ерусалимскиот храм бил централно место за средба на Божјиот народ со својотн Бог. Во продолжение епископот Стојанов додаде: „Сепак, денес знаеме дека тој Храм е само предзнак на една далеку подлабока присутност Божја меѓу луѓето, а тоа е неракотворениот Храм Исус Христос, воплотениот Божји Син.“

Главната или централна порака на тој празник се наоѓа во Посланието до Евреите во кое авторот зборува за ослободување на човекот од смртта, гревот и ѓаволот (сп. Евреите 2,17-18). „Исус, за наше спасение, е прикажан на Отецот во оној Храм каде многу жртви и молитви се прикажани во очекување на вистинскиот кој се жртвувал, Исус Христос. Колку е прекрасна таа вистина со која Бог го воспитува својот народ и Исус, кој од Законот ослободува и е подложен на Законот и бил прикажан во Храмот на Отецот. Ова прикажување едвај кој го забележал. Свети Лука ни раскажува дека само двајца луѓе го препознале влегувањето на Единствениот Првосвештеник во единствениот вистински Храм. Тоа беа возрасните Симон Богоносецот и пророчицата Ана.“ – рече бискупот Стојанов.

Зборувајќи за средбата на Симеон и Ана при прикажувањето на Исус во храмот, бискупот Стојанов истакна: „Овој настан во храмот е и потврда на надежта. Зошто? Овие двајца старци во надеж го чекаа Спасителот – Месијата – надежта не ги измами, ја дочекаа, видоа и ја посведочија.“

Во продолжение на својата проповед Скопскиот бискуп ќе каже: „Во Литургијата од празникот Сретение учиме да бидеме пророци, а според природата пророк не е претскажувач на идните настани, туку гласник на искуствата кои во себе ги носи и со нив отвора пат кон иднината. Симон го држеше Исуса во раце и така му навести спасение на Израилот. Ние ако го немаме Исус во себе, ако самите не го поседуваме, како можеме да им го дадеме на другите? Секоја посветена личност е Богоносител и Богодаровател, но на оној Бог и онаков каков го носиме во себе. Да се запрашаме самите себе: Каков Бог луѓето препознаваат во нас? Конечно, наша задача во современото општество и Црква е оптимизмот – надежта. Тоа е една од најомилените теми на нашиот Папа денес: Христијанинот е човек на надежта! Знаете кога ќе има повеќе звања? Кога ќе ја дишеме евангелската вистина, пророчката сила, силната надеж дека историјата не ја гради човекот, туку ја гради Бог. Да се предадеме великодушно на Бога и Црквата, да се вградиме во тој поубав свет и да ја навестиме надежта која е во нас и која е остварена и видлива.“

На крајот бискупот Стојанов истакна: Блажена Дева Марија нека нè застапува пред својот Син – Исус Христос – тоа што го посакуваме да можеме и да го живееме и да го сведочиме. Воедно во тоа нека ни биде пример и свети Јосиф, во годината која е посветена во негова чест. Свети Јосиф, кој не можеше целосно да ја разбере тајната на воплотувањето на Исус и посланието на Марија, нека ни биде поттик да ја прифатиме со доверба и тајната на времето во кое живееме и неволјите со кои се соочуваме.“

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот