Верските лидери и Комисијата со заедничка осуда за обидот за опожарување на објектот на Еврејската заедница

Верските лидери и Комисијата со заедничка осуда за обидот за опожарување на објектот на Еврејската заедница

Во среда 15 април 2026 година во Клубот на пратениците во Скопје се одржа прес-конференција на која верските лидери го осудија инцидентот поврзан со објектот на Еврејската заедница и синагогата „Бет Јаков“, упатувајќи повик за одговорност, разум и доблест со цел зачувување на соживотот.

На прес-конференцијата присуствуваа Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Шаќир Фетаи, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, суперинтендентот на Евангелско-методистичката црква, пастор Марјан Димов и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗГ) Оливера Трајковска.

Соопштението до јавноста на прес-конференција го презентираше директорката на КОВЗГ Трајковска, која изрази осуда за настанот што, според информациите, се случил во раните утрински часови на 12 април, како и солидарност и поддршка кон Еврејската заедница.

Во заедничката реакција се наведува дека обидот за опожарување претставува удар врз мирот, стабилноста и соживотот, кои со векови се негуваат на македонско тло. Во соопштението се истакнува дека секое посегнување по туѓа светиња, без оглед на верската припадност, претставува нарушување на вредностите на почитта, слободата и човечкото достоинство. Притоа се нагласува дека непочитувањето на светињата на другиот значи и непочитување на сопствената светиња.

„Во духот на заедништвото, религиската соработка и заемното разбирање, упатуваме повик до сите граѓани да покажеме одговорност, разум и доблест и да останеме чувари на соживотот. Заемната почит е меѓу најголемите вредности што ги поседуваме, па да ја чуваме и да ја оставиме како аманет за идните поколенија“, изјави Трајковска.

Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, истакна дека заедничката реакција претставува и осуда и силен израз на поддршка, при што ја нагласи долгогодишната соработка и конструктивниот дијалог меѓу верските заедници. Тој посочи дека од овој настан треба да се извлече поука и изрази надеж дека надворешни конфликти и влијанија нема да се прелеат во земјата.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот