Божиќ е празник на верата кој ни ги отвора очите за да го отфрлиме тоа што е непотребно, погрешно, зло и лажно и да го видиме она важното, вистинското, доброто и веродостојното – истакна папата Фрањо во овогодинешното божиќно обраќање до Римската курија.
Во својот говор се фокусираше на градењето мостови „ad extra“, размислувајќи така за односот на Куријата кон нациите, кон локалните Цркви, Источните Цркви, екуменскиот дијалог, јудаизмот, исламот и другите религии. Со други зборови, за односот на Курија со надворешниот свет.
На тоа му претходеше освртот на Папата на реформата на Куријата, кој го започна цитирајќи го белгискиот надбискуп Фредерик Франсоа Ксавиер де Мероде кој живеел во 19 век: „Да спроведуваш реформа во Рим е како да чистиш египетска сфинга со помош на четка за заби.“ Папата објасни дека тој цитат укажува на тоа колку е потребно стрпливост, посветеност и внимание за да се постигне спомнатата цел. Курија која е затворена во себе, ќе ја предаде целта на своето постоење, ќе западне во автореференцијалност и со тоа ќе се осуди на самоуништување – предупреди папата Фрањо.
И додека е свесен дека во Куријата поголемиот дел се верни луѓе кои работат предано, стручно, верно и со голема посветеност, Светиот Отец имаше остри зброови за „ракот кој води кон фокусирањето на самиот себе.“ Така предупреди на опасноста која ја претставуваат оние кои ја предаваат дадената им доверба, не спознавајќи ја возвишената природа на својата одговорност и дозволувајќи да ги расипе амбицијата. Тие погрешно се сметат за „маченици на системот“, наместо да си ја признаат вината („mea culpa“) – рече Папата.
Дикастериите на Римската курија се повикани да бидат како „чувствителни антени“ – продолжи папата Фрањо – односно да „испрќаат“ и да „примат“. Со други зборови, се повикани верно да ја пренесуваат волјата на Папата, а исто така да ги разберат стремежите, прашањата, молбите, радостите и тагите на Црквата и светот за Папата подобро да може да го врши своето послание на видлив извор и темел на единството на верата и заедништвото. Таа приемчивост, тој процес на слушање и синодалност се поважни од правилата – истакна Светиот Отец.
Потсети дека Куријата е во служба на Папата и дека треба да го има во предвид како доброто на Црквата, така и навестувањето на Радосната вест. Тоа „првенство на служење“ треба да се оствари од внатре кон надвор, а за да се постигне визијата за Црквата која служи, клучно е расудувањето на знаците на времето, заедништвото во служењето, љубовта во вистината и послушноста како на Светиот Дух, така и на поглаварите. Исто така рече дека имињата на различните дикастерии укажуваат токму на таа област на човечката реалност која се повикани да ја промовираат.
Светиот Отец потоа детално ги анализираше разните области од активностите на Куријата, од односите со државите и улогата на ватиканската дипломатија во градењето на мостови за мир и дијалог, до нејзините односи со епископите и епархиите. Зборуваше за тоа дека тој им дава предност на како што ги нарече, отворените и искрени разговори за време на средбите со епископите, а кои остануваат приватни и ја надминуваат формалноста на протоколот.
Папата Фрањо исто така го опиша односот помеѓу Рим и Источните Цркви (н.з. кои не се во единство со Рим) и тоа како однос на меѓусебно и духовно збогатување, потврдувајќи ја посветеноста на Куријата на екуменскиот дијалог, разврзувањето на чворовите на неразбирањето и непријателствата и спротивставување на предрасудите и стравот од другиот. Зборувајќи пак за меѓурелигискиот дијалог, Папата истакна три темели на кои тој дијалог се гради: обврската за почитување на својот идентитет како и идентитетот на другите; храброста за прифаќање на разликите и искреност на намерите.
Светиот Отец своето обраќање го заврши зборувајќи за Божиќ како празник на верата. Верата која не вознемирува е вера во криза; вера која не ни помага да растеме е вера која треба да расте; верата која не поставува прашања е вера која треба да ја преиспитаме; верата која нè не поттикнува е вера која треба да ја поттикнеме; вера која не нè тресе е вера која треба да ја растресеме. Навистина верата која е само интелектуална или млака е само идеја за вера. Верата може да стане реална кога ќе го допре нашето срце, нашата душа, нашиот дух, и целото наше битие – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк