Со свечена света Литургија предводена од парохот о. Ѓорге Појразов во присуство на голем број верници и со почитување на мерките за заштита од вирусот Ковид-19, беше прославен најголемиот христијански празник Воскресение Христово Велигден во парохијата „Свети Кирил и Методиј“ во Петралинци.
Славењето започна со воскресна утрена во дворот на црквата, а потоа следуваше воскресната света Литургија.
Парохот о. Појразов ја прочита Велигденската порака на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх. На крајот од светата Литургија беа благословени и велигденските јајца.
На Велики Четврток жените од парохијата исплетоа венец од цвеќиња, на Велики Петок се молеа Статиите, на Велика Сабота децата и младите во парохиската сала ги бојадисуваат велигденските јајца, кои беа подарени од страна на добротвори.
За време на Великиот пост во парохијата по седми пат беше организиран „Семеен Крстен пат“ посветен за семејствата.