Ватикан ги објави литургиските славења на папата Лав XIV за мај

Ватикан ги објави литургиските славења на папата Лав XIV за мај

Канцеларијата за печат на Светиот Престол ги објави претстојните литургиски прослави на папата Лав XIV за месец мај, меѓу кои е и светата Литургија за инаугурација на неговата Петровска служба, која ќе се служи во недела на 18 мај, на плоштадот Свети Петар.

Ватикан го објави распоредот на литургиските славења на папата Лав XIV за месец мај.

Во текот на месецот посветен на Пресвета Дева Марија, Светиот Отец ќе предводи повеќе литургиски славења и ќе ги посети неколку Папски базилики во Рим.

Првото литургиско славење во неговиот распоред е во недела, 18 мај 2025 година, Петтата воскресна недела. Светата Литургија ќе ја предводи папата Лав XIV на која ќе следи и инаугурација во неговата Петровска служба, а ќе се служи на плоштадот Свети Петар во 10:00 часот наутро.

Во вторник, 20 мај, Светиот Отец ќе направи ходочестие во базиликата „Свети Павле“ надвор од ѕидините, каде што ќе го посети гробот на Свети Павле.

Следната недела, 25 мај, на Шестата воскресна недела, папата Лав XIV ќе го предводи евхаристиското славење во базиликата Свети Иван Латерански во 17:00 часот. Оваа света Литургија ќе содржи формално преземање на Римската катедра од страна на Папата, епископското седиште на Римскиот епископ.

Подоцна истата вечер, во 19:00 часот, Папата ќе ја посети базиликата „Света Марија Велика“, каде што ќе се помоли пред икона на Пресвета Богородица, Salus Populi Romani.

Ова ќе биде втората посета на Папата во оваа базилика, посветена на Богородица. Во саботата навечер, папата Лав XIV ја посети базиликата, враќајќи се од маријанското светилиште управувано од августинците јужно од Рим, каде се помоли на Марија. На неговата прва посета како Папа тој се помоли пред иконата Salus Populi Romani и истовремено го посети и се помоли на гробот на покојниот папа Фрањо.

На крајот, во сабота, 31 мај во 10:00 часот наутро, на празникот Посета на Пресвета Богородица, папата Лав XIV во базиликата „Свети Петар“ ќе ја предводи светата Литургија со свештенички ракополагања.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот