Кај Лурдската пештера во Ватиканските градини, 1.300 луѓе, од кои 700 деца, заедно со папата Лав XIV ја молеа Бројаницата на пет јазици, принесувајќи ја оваа маријанска молитва за престанок на насилството во целиот свет.
Додека еден милион деца ширум светот ја принесуваа Бројаницата за мир, околу 1.300 од тие гласови доаѓаа од Ватиканските градини на првиот ден од месецот посветен на Бројаницата, 1 октомври. Деца од парохии и училишта од Рим се собраа кај Лурдската пештера заедно со папата Лав XIV, со што започна иницијативата на „Помош на Црквата во неволја“ под наслов „Еден милион деца молат Бројаница“.
Изразувајќи го светскиот карактер на иницијативата, секоја од петте десетки беше молена на различен јазик: италијански, шпански, урду, германски и арапски.
Со оваа Бројаница започна еднонеделна иницијатива посветена на „раните и надежите на народите“ ширум светот: на децата од Украина и сите жртви на војните, на семејствата во Либан, Сирија и Светата Земја, на прогонуваните христијани во Пакистан и во целиот свет, на помирувањето во Јужен Судан и на семејствата во Куба и Венецуела.
Пред почетокот на Бројаницата, кардинал Курт Кох, префект на Дикастеријата за промовирање на единството на христијаните, објасни дека иницијативата е покана до децата да откријат дека „заедно со Марија можат да Му ги принесат на Исус страдањата на светот“.
„Токму гласовите на најмалите, кои со доверба Му се предаваат, наоѓаат посебно место во Божјото срце“, нагласи тој. Во текот на целата седмица, од 1 до 7 октомври, заедници ширум светот, разделени по јазик и оддалеченост, ќе бидат обединети во молитвата за мир.
„Додека размислуваме за воскреснатиот Христос, молиме стравот и омразата да го немаат последниот збор“, рече кардинал Кох.
Посебен дар
Во својата порака, папата Лав XIV ја нагласи важноста на иницијативата и ја изрази својата радост што може да биде заедно со децата, родителите и свештениците.
Охрабрувајќи ги децата, Папата ги потсети дека од Исус и Марија бараат „еден посебен дар: мир за сите деца во светот, особено за оние кои живеат во места каде што има војна, во толку многу земји ширум светот“.
Тој ја опиша Бројаницата како „едноставна молитва која секој може да ја моли“, а цвеќињата што децата ги принесуваа на почетокот од секоја десетка ги нарече знак на љубов.
Папата ги поттикна да размислуваат за Исус во важните моменти од Неговиот живот, „кога им донесувал светлина и мир на многу луѓе“. Ги спомена Исусовото Крштение во Јордан, претворањето на водата во вино на свадбата во Кана, навестувањето на Божјото Царство, Преображението и востановувањето на Евхаристијата во Горната одаја.
Папата Лав ги повика децата никогаш да не ги забораваат овие моменти и да бидат благодарни за нив, бидејќи Исус „ни даде прекрасни дарови“, и со доверба, сите обединети, да Му се молат: „Дарувај ни мир.“
Педесет милиони „Радувај се, Маријо“
На крајот од својата порака до децата и семејствата, Папата нагласи дека присутните во Ватиканските градини во текот на оваа седмица, од 1 до 7 октомври, не се единствените што се молат. На нивната молитва им се придружуваат околу еден милион гласови од целиот свет.
„Замислете“, нагласи папата Лав, „педесет милиони ‘Радувај се, Маријо’ кои се издигнуваат кон Небото од сите краишта на светот и на сите јазици, молејќи за мир, соединувајќи се како една огромна Бројаница што ги прегрнува сите континенти, народи и нации во светот.“
Молејќи ја Бројаницата заедно кај Лурдската пештера, Папата ги потсети сите присутни дека со тоа се обврзуваат и да постапуваат добро каде и да се наоѓаат: дома, на училиште, на катехеза, со своите родители и додека си играат.
„Молитвите мора да бидат придружени и со добри дела и дела на љубов“, објасни папата Лав XIV. „Така расте мирот.“
Ватикан њуз/к.мк

