Болниот човек може да биде повеќе соединет со Бог

Болниот човек може да биде повеќе соединет со Бог

Во денешното Евангелие свети Марко ни прикажува како Исус ги лекува болните од сите видови – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов, на 11 февруари 2018 година, на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Во таа атмосфера добро се вклопува „Светскиот ден на болните“ кој го одбележуваме токму денес на празникот на Блажена Дева Марија, Пресвета Богородица Лурдска. Затоа со погледот на срцето свртен кон Масабиската пештера, да размислуваме за Исус како првиот лекар на телата и душите кој Бог Отец го испрати во светот за да го оздрави човештвото обележано со гревот и неговите последици.

Денешното Евангелие ни го прикажува оздравувањето на лепрозниот. Болест која во Стариот Завет се сметала за голема нечистотија и вклучувала одвојување на лепрозните од заедницата – потсети Папата и додаде: Неговата состојба била навистина болна, затоа што заради менталитетот на тоа време се чувствувал за нечист пред Бог и луѓето. Затоа лепрозниот го моли Исус со зборовите: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.“

Слушајќи го тоа, Исус се сожалува. Многу е важно да се фокусираме на тоа што се случува во Исусовата внатрешност, како што тоа долго го правевме во текот на Јубилејот на милосрдието – истакна Светиот Отец и рече: Нема да го разбираме Христовото дело, нема да го разбираме самиот Христос, ако не влеземе во Неговото срце полно со сочувство. Тоа е она што го поттикнува да ја протегне раката кон лепрозниот, за да го допре и да му каже: „Сакам! Очисти се!“ Фактот што најмногу изненадува е тоа што Исус го допира лепрозниот, затоа што тоа било апсолутно забрането со Мојсеевиот закон. Да допреш лепрозен значело да се заразиш и во внатрешноста, односно да станеш нечист. Но, во тој случај не поминува нешто од лепрозниот на Исус, туку Исус на лепрозниот му дарува очистување. Освен сожалувањето, во тоа оздравување се восхитуваме и на Исусовата смелост Кој не се грижи за заразата или за заповедите, туку само сака да го ослободи тој човек од проклетството кое го потиснува.

Ниту една болест не е причината за нечистота – нагласи папата Фрањо и рече: Болеста сигурно ја погодува целата личност, но на никој начин нема влијание или го спречува односот со Бог. Уште повеќе, болниот човек може да биде дури и повеќе соединет со Бог. Меѓутоа гревот е тој кој нè прави нечисти! Себичноста, горделивоста, влегувањето во светот на расипаноста, тие се болестите на срцето од кои треба да бидеме очистени, обраќајќи му се на Исус како лепрозниот: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.“ Секој пат кога пристапуваме на светата Тајна Помирување каејќи се, Господ и на нас ни повторува: „Сакам! Очисти се!“ Така исчезнува лепрата од гревот, продолжуваме радосно да го живееме својот синовски однос со Бог и се враќаме целосно во заедницата.

После молитвата Ангел Господов, Папата по пат на интернет се запиша на листата на учесници на „Светскиот ден на млади“ кој ќе се одржи во Панама во јануари идната година и ги повика младите од целиот свет да учествуваат на тој настан на благодати и братска љубов. Честитајќи им ја на милиони луѓе од Далечниот Исток и во другите краишта на светот месечевата нова година, која се слави на 15 февруари, Светиот Отец посака повеќе солидарност, братска љубов и желби за заедничко добро, и да можат да придонесат за создавање на општество во кое е прифатен и заштитен секој човек, каде што се гледа на неговиот напредок и целосно е вклучен во општеството. Освен тоа поттикна на молитва за мир, тоа скапоцено богатство кон кое треба да се стремиме со занес, далековидно и храбро.

На крајот Папата ги поздрави присутните семејства, миропомазаниците, парохиите, здруженијата, молејќи исто така за мир во Демократска Република Конго и потсетувајќи дека на 23 февруари ќе биде посебен ден на молитва и пост за таа земја. На посебен начин се обрати на болните, молејќи Марија, Здравје на болните да им помогне да најдат утеха за телото и душата заблагдарувајќи се за соодветната здравствена грижа и братската љубов која знае да биде конкретна и солидарна.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот