Од Свето Евангелие според Лука (9, 18-22)
18. Еднаш, кога Исус се молеше насамо и учениците Негови беа со Него, Он ги праша: „За кого Ме мисли народот?” 19. Тие одговорија и рекоа: „Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци.” 20. Он им рече: „А вие, за кого Ме мислите?” Петар одговори и рече: „За Христа Божји.” 21. И Он строго им заповеда, никому да не кажуваат за тоа, 22. велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне.
Настанот опишан во денешното Евангелие е необичен и го привлекува вниманието заради повеќе свои детали. Најпрво Исус ги испитува учениците за што луѓето зборуваат за Него и за неговото божествено делување. (…)
Со современиот социолошки речник кажано, би рекле дека Исус спореведува истражување на јавното мислење за верската упатеност на својот народ кое се однесувало главно за ставот кон неговиот идентитет и гласот кој го уживал меѓу нив. А таквите истражувања секогаш биле популарни меѓу луѓето, како што се и денес. Било што да се случи или планира да се работи, веднаш во акција стапуваат медумските куќи и разни агенции кои се задолжени за истражување на јавното мислење. А секое такво истражување се спроведува за да се покаже дека во општеството има цела лепеза на човечки мислења кои треба на соодветен начин да се земат во предвид, а меѓу нив едноставно не се расудува кое е повеќе вредно, а кое е помалку вредно, кое одговара на вистината, а кое не.
Со овој настан Исус покажува дека сепак треба да се соочиме со она што луѓето го кажуваат, посебно ако се сака да им се навести Божјата вистина. Треба да знаеме да сослушаме, но исто така и да ја оголиме и да ги надминеме нивните мислења, навестувајќи им ја вистината. Затоа вториот чекор кој Исус го бара од апостолите, да се одреди спрема тоа што луѓето го кажуваат: А вие, што велите вие, кој сум јас? А третиот чекор, оној последниот е да имаме мислење кое не е делумно и површно, туку во суштина е цврст изграден став и спознание кое не зависи од луѓето, туку доаѓа од Бог. (…)
Господ Исус не сака ние својот живот да го сведеме на прераскажување и коментирање на она што луѓето го кажуваат, како што се случува во секојдневието во кое на многумина животот им е составен само од тоа. Не сака да живееме како другите што се хранат од дискусиите и конфронтациите, споровите и контроверзите за тоа кој што видел и што слушнал или доживеал. Господ не сака и ние во таков контекст да го стекнуваме своето спознание за животот и Бог. Бидејќи голтањето на таквите вести не ни ги шират хоризонтите. Бидејќи количината на спознанието за тоа кој што рекол не може да биде мерка за нашето знаење за животот. Навистина знаењето за животот не можеме да го сведеме на тоа да научиме што кажале луѓето, туку на она што Бог Создателот ни го објавил за Него со посредство на Својот Син. Во спротивно ќе станеме жртви на непостојаноста на човечките мислења, и нас би нè носеле брановите на модата.
Исус не сака неговите ученици да живеат според ова култура на прераскажување, наместо да бидат луѓе кои го изградиле својот став, имајќи го искуството од неговото присуство, науката и воскресението. Христијаните треба да бидат луѓе чии ставови и уверувања се засновани на Божјото знаење и Божјата објава, а не во несигурните и нестабилните човечки мислења кои многу пати се само озборување. Христијаните не можат да ги градат своите ставови одејќи по линијата на мал отпор, односно слушајќи што луѓето зборуваат, туку слушајќи го Христос Господ да ја откриваат возвишената длабочина на неговото Слово, со кое се потврдува дека е вистинскиот Помазаник Божји. Секој од нас треба во срцето да почувствува дека зборовите кои Исус ги изговорил се неповторлива Божја мудрост. Треба со искуство да доживееме дека неговата наука не е човечка, туку божествена, но во исто време е нешто најверодостојно и најубаво што човекот го бара и со што се очовечува.
д-р Иван Бодрожиќ/Вера и Дела/к.мк