Бискуп Стојанов беше домаќин на поклоници од Ѓаковачко-осиечката надбискупија и Сремската бискупија

Бискуп Стојанов беше домаќин на поклоници од Ѓаковачко-осиечката надбискупија и Сремската бискупија

Поклониците од Хрватска и Србија ја посетија Спомен куќата на Света Мајка Тереза и нејзиното Светилиште, како и Катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје

На 06 март 2023 година на своето пропатување по стапките на свети апостол Павле, надбискупот Ѓаковско – осиечки монс. д-р Ѓуро Храниќ и Сремскиот бискуп коадјутор монс. Фабијан Свалина со 30-тина свештеници од нивната над/бискупија ја посетија Католичката црква во Скопје.

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов заедно со катедралниот парох о. Винко Маслаќ ги пречекаа поклониците од Хрватска и Србија во Светилиштето на Света Мајка Тереза. Откако го разгледаа Музејот на Света Мајка Тереза во Спомен куќата во Светилиштето отслужија света Литургија. Бискупот Стојанов на гостите им го приближи значењето на тоа место во минатото и сегашноста, а потоа се упатија кон Катедралата Пресвето Срце Исусово.

Таму поклониците имаа можност покрај другото да ги видат првите и единствени оргули во Македонија, останатите сакрални предмети како и статуата на Срце Исусово пред која се молеше Света Мајка Тереза, која при нејзиното прво доаѓање во Скопје во 1970 година ќе каже: „Овде пред Исусовото Срце сѐ се промени.“

Гостите после неколку часовниот престој во Скопје го продолжија своето патување по стапките на Апостолот на народите – Свети апостол Павле, првиот христијанизатор на Македонија и Европа.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот