Бискупот Стојанов служеше света Литургија за покојната сестра Евхаристинка Татјана Атанасова
На 21 април 2021 година во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје Неговото Преосвештенство монс. Киро Стојанов служеше света Литургија за покој на душата на с. Татјана Атанасова по повод шест месечниот помен , а со епископот Стојанов сослужуваа о. Марјан Ристов, бискуписки и епархиски канцелар, дон Паво Шекерија, катедрален парох, дон Томаш Бак, парох во Куманово и о. Атанас Сирачев, капелан при парохијата Св. Иван Крстител во Струмица.
На светата Литургија присуствува Сестри Евхаристинки на чело со својата Провинцијалка с. Стефанија, нејзини роднини и вернициверници, а Катедралниот хор со години што го водеше с. Татјана учествуваше со попратни песни.
Во својата проповед меѓудругото Неговото Преосвештенство рече: Исус сосема јасно и отворено говори за себе како лебот на животот, леб што дава живот вечен. Јасно се гледа дека Неговиот говор е токму за Евхаристијата во која ни се дава како леб за живот. Неговото тело ни станува храна под видот на леб. Тоа е храна за вистински живот.
Исус не повикува во тој вистински живот. Во неговиот центар е Евхаристијата што раздвижува сè. Дали навистина Евхаристијата е центар на нашиот живот? Дали нашиот живот е насочен кон неа? Таа би требала да биде почеток и крај на нашиот ден. Со неа започнуваме и кај неа се враќаме!
Ако сето тоа што го слушнавме и го примениме во животот на с. Татјана ќе видиме дека и таа уште од мала ја исполнува Божјата волја. Но до тоа да дојде, не смееме да ги заборавиме своите родители кои се првите евангелизатори и вероучители на своите деца. Верата ја прими од своите родители и прародители тие ја упатија кон Бога. Бог овозможува преку Црквата да го запознае Исуса во Пресветата Евхаристија и конечно целосно да му се посвети на Исус во Евхаристијата и да му служи целиот свој земски живот преку Општеството на с. Евхаристинки во кое уште од мала влезе во Него и остана до крајот на овој земски живот член и дел од семејството на Општеството на с. Евхаристинки. Општеството и овозможи да се стекне со високо образование кое подоцна го искористи во служењето на Црквата насекаде каде што дејствуваше, а најмногу во оваа Катедрала – Пресвето Срце Исусово. Во сето тоа ја имаше не само поддршката на своите претпоставени и одговорните во оваа Катедрала, туку и поддршката од своето сестринско и крвно семејство. Беше наша гордост во сите прослави и концерти што се организираа во оваа Катедрала, но и ваша гордост почитувано семејство затоа што нејзиниот дух преку нејзините дела продолжува да живее меѓу нас.
И сега би го повторил прашањето: Дали навистина Евхаристијата беше центар на нејзиниот живот и дали беше насочена кон Евхаристијата? Одговорот е: ДА. Евхаристијата беше почеток и крај на нејзиниот живот. Со неа започна уште како мала кога го прими Исус за прв пат во себе во својата родна парохија Радово, нејзе и се посвети целиот свој живот преку Општеството посветено на Пресветата Евхаристија и се предава во живиот и Воскреснат Исус да го слави во Небесното царство. Човечки кажано нејзината отсутност сите ние ја чувствуваме, иако свесни дека сите ние сме гости на оваа земја и патуваме кон една иста цел. Тагата како луѓе не прати во нашиот живот но нека нашите молитви бидат насочени кон Исуса во Евхаристијата и нека Тој и удели радост и утеха во своето Царство, а преку неа и нејзината застапеност пред Бога нека Бог н\ теши нас неутешните во оваа долина на солзите. Амин.
По Светата Заупокојна Литургија беше отслужена Панихида.
к.мк