Во недела 19 јуни 2022 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов во заедништво со Секретарот за односи со државите при Државниот секретаријат на Светиот Престол, надбискупот Пол Ричард Галагер служеше света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, на која сослужуваше и монсињор Џорџо Кеца, вршител на должноста во Апостолската нунцијатура за Македонија, монс. Јануш и свештеници од Скопска бискупија и Струмичко – скопска епархија. Светата Литургија, која надбискупот Галагер ја служеше на латински јазик, започна со свечена процесија.
На почетокот од светата Литургија бискупот Стојанов го поздрави високиот ватикански гостин, надбискупот Пол Ричард Галагер и неговата придружба при што рече: „Ваша Екселенција, прво Ви благодарам што во својата зафатеност најдовте време – а може да најде само ако се има љубов – да го посетите древното подрачје на Католичката црква каде прв евангелизатор беше апостолот на народите свети Павле, кој необично ја сакаше Црквата која ја основа во Македонија – во Филипи и други градови и места. Ви благодарам за оваа блажена посета, бидејќи тоа е знак и признание на непрекинатата верност на оваа месна Црква кон Римскиот првосвештеник и Римската црква. Бог кој е единствен во својата добрина и наградува нека стоструко Ви возврати на оваа жртва и доаѓање меѓу нас.“
Понатаму бискупот Стојанов посакувајќи добредојде истакна: „Чувствувајте се добро во нашата средина, во нашиот град, родниот град на света Мајка Тереза, и нашата земја – Македонија, а пред сè во нашата заедница. Верувајте од мигот кога дознавме за Вашето доаѓање Вие сте гост на нашите срца, а за оваа Ваше доаѓање се подготвуваме со молитва. Благословен е Оној кој доаѓа во името Господово!
Во својата проповед надбискупот Галагер најпрво се заблагодари на Господ кој преку Неговата Промисла му дозволи денес да биде меѓу верниците во Македонија. Тој истакна дека неговото присуство има за цел да биде знак, пред сè, знак на грижата на Папата за сите Цркви, а денес за Црквата во Македонија. Пренесувајќи го неговиот поздрав и неговиот благослов повика на молитва за наследникот на блажениот Петар и епископ Римски, кој е „вечниот и видлив принцип и темел на единството и на епископите и на мноштво верници“.
Понатаму надбискупот Галгер се задржа на неделното Евангелие, но и на свети апостол Павле при што ќе рече: Оваа посета ме потсетува на онаа што свети Павле и неговите ученици ја направија на почетокот на објавувањето на Евангелието на европскиот континент, а со тоа и во Македонија, цитирајќи го делот од Делата на светите Апостоли кога Павле имаше видение во ноќта, како еден Македонец го молеше да дојде во Македнија и да им помогне. Според тоа, рече надбискупот Галагер, вашата земја е сведок на прифаќањето на верата од пред многу векови!
Монсињор Галагер изрази восхит кон претците кои својата верност – лојалност ја платиле со жртва, при што ги охрабри верниците да го прават она што често го повторува папата Фрањо: ние како Црква сме во од и на поклонение кон вечноста.
Тој истакна дека од бискупот Стојанов слушнал за многу сведоштва поврзани со звањата, добротворните активности, кои според неговите зборови, ветуваат добро и истакна дека во Македонија и покрај тоа што заедницата е мала, но е верна, која со своето сведочење во животот го покажува богатството на Универзалната црква.
Зборувајќи за малите заедници надбискупот Галагер потсети на Светиот Отец, кој ја посети Македонија во 2019 година: „Вашиот придонес е неизбежен за Црквата да има постојана грижа за малите и маргинализираните. Дури и ако сте на периферијата, бидете сигурни дека сте во срцето на Црквата. Господ Бог да ве благослови и да ви даде цврстина, сведоштво и сила во христијанскиот живот и во иднина!“.
Надбискупот Галагер ги спомна и светите браќа Кирил и Методиј, нивните преводи на светите книги, како и света мајка Тереза, а проповедта ја заврши со зборовите: „На ова патување на новата евангелизација нека не придружуваат светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици. Тоа наследство што е посеано овде уште од апостолско време, никнува и вродува со плод и во наше време. Плодовите на милосрдие и светост се како што е вашата светица, Мајка Тереза од Калкута, родена овде во Скопје. (…) Нека Црквата овде секогаш биде автентична заедница на сведоци на Господа умрен и воскреснат за секој човек!“ – рече на крајот од својата проповед надбискупот Галагер.
Бискупот Стојанов му се заблагодари на надбискупот Галагер за овие моменти на литургиско заедништво, при што му подари икона на света Мајка Тереза и медалјон од прогласувањето на епархијата.
На светата Литургија пееше катедралниот хор предводен од Јулија Неловска, а настанот беше пренесуван на Радио Марија.
Ватикан њуз/к.мк
Хомилија на Неговата Ексцеленција надбискупот Пол Ричард Галагер