Бискупот Стојанов во посета на Малта

Бискупот Стојанов во посета на Малта

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов на 21 јуни 2024 година престојуваше во Малта по покана на професор д-р Салвино Каруана, потпретседател и директор на институтот Августинијанум, каде служеше Света Литургија по повод крајот на Академската година и доделување на дипломите на студентите за завршните патристички студии.

Во својата проповед бискупот Стојанов најпрво се заблагодари на поканата и можноста да служи света Литургија на крајот од академската година во институтот Августинијанум, а потоа ја претстави католичката заедница во Македонија, истакнувајќи дека доаѓа од земја богата со историја, во која почетоците на Црквата се од апостолско време. Потоа се осврна за пренесувањето на Евангелието на европско тло, преку видението на апостол Павле на кој му се објави човек Македонец, повикувајќи го да дојде во Македонија, опишано во Делата на светите апостоли, како и на неговиот престој во македонскиот град Филипи. Ја спомна и средбата ан апостол Павле со Лидија, продавачка на црвена боја од градот Тијатира, која веруваше во Бога, на која Бог ѝ го отвори срцето, така што го прифати она што го рече Павле и дозволи себеси и своето семејство да се крстат. (…) Тука го имаме сведоштвото за доаѓањето на христијанството во Европа. Дојде низ портите на Македонија – рече монсињор Стојанов.

Во продолжение епископот Стојанов истакна дека Црквата отсекогаш била убедена дека верата и разумот не се спротивни, а тоа го поткрепи со зборови на папата Бенедикт XVI: „Верата го претпоставува и го усовршува разумот, а разумот, просветлен од верата, наоѓа сила да се издигне до спознанието за Бога и духовната реалност со разум и отворајќи го разумот верата е прва и највисока задача на теологијата. Понатаму рече дека теологијата не е затворена во себе, туку е во постојана корелација со голем број помошни и сродни науки. Негувајќи ги теолошките дисциплини, ќе треба да стапиме во дијалог со други филозофски или научни дисциплини и системи, меѓу кои може да има и такви што не можат да бидат „сојузници со теологијата“. Но, со солидна научна формација, постигнуваме познавања за различни научни и филозофски системи, кои, секако, за заедничка корист ќе ги почитуваме и ќе стапиме во сериозен дијалог со нив, истражувајќи, разобличувајќи го и чувајќи го богатството на верата.

За време на престојот во Малта бискупот Стојанов се сретна со провинцијалот на Августинијанците во Малта отец д-р Лесли Гат, со кој посетија неколку значајни знаменитости во Малта, а разговараа и за Црквата во Македонија и Малта како и за поврзаноста на Македонија и Малта со првиот евангелизатор, апостолот на народите, свети Павле.

Во недела 23 јуни 2024 година бискупот Стојанов се сретна со надбискупот на Малта монсињор д-р Чарлс Шиклуна. Во пријатна братска атмосфера разговараа за ситуацијата на Црквата во двете земји како и во светот. Воедно во конкатедралата Свети Иван Крстител во Валета бискупот Стојанов служеше Света Литургија заедно со надбискупот монсињор Шиклуна во чест на празникот Раѓање на Свети Иван Крстител.

Ватикан нуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот