За време на Божиќната света Миса која бискупот Стојанов ја служеше во понеделник 24 декември 2018 година во Катедралната црква „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје во својата проповед проговори во име на семејствата при што ја истакна важноста неделата да биде неработен ден.
Согледувајќи ја загрозеноста на денешните семејства повика со заеднички сили да се застане во одбрана и заштита на нив при што истакна: „Сѐ повеќе и повеќе се гледа како СЕМЕЈСТВОТО е загрозено на многу фронтови, преку различни идеологии и конвенции оваа вредност сака да се уништи. Потребно е да се создадат услови семејството да опстане. Во христијанството неделата отсекогаш била семеен ден, собирање околу заедничката трпеза, пригода за раст во заедништво. А денес „неделата ни се краде“ – овој единствен ден, семејството да биде заедно – татковците и мајките се приморани да бидат на работното место, а не со своите деца. Денес на празникот на Семејството прозборувам во името на Семејствата, во името на толку татковци и мајки, во името на децата на кои работната недела им ги „украла“ и мајката и таткото. Очекувам и ги повикувам одговорните во општеството да се позанимаваат сериозно со оваа прашање – со работата во недела. И затоа молам ова да не се игнорира, туку нека биде сериозна работа и така со заеднички сили ќе застанеме во одбрана и заштита на семејствата. Ние сме за НЕРАБОТНА НЕДЕЛА, бидејќи нашиот народ и земја опстанаа токму преку семјествата. Ако се уништи семејството, уништено е целото општество – бидејќи семејството е расадник на сите вредности“.
к.мк