Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица

Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица

Овој празник честопати се заменува со настанот кога Марија го зачнала Исуса, но се работи за два различни настани.

За овој празник посветен на света Марија би можеле да речеме дека е убав и непознат. Ниту многу „подобри“ христијани не знаат да кажат што навистина денес се слави. А тие кои „сѐ знаат“ обично го „толкуваат“ според своето (не)знење.

И едните и другите ги збунува пред сѐ името на празникот, составено од два збора: „безгрешно“ и „зачнување“. Зачнувањето на нов човек е чудесен настан, црквено би рекле соработка со Бог во создавањето на ново суштество, величенствен момент.

Безгрешноста и гревот се, јасно крајно контрадиктивни, две некомпатабилни реалности.

Со овој мал вовед и предзнаење може накратко да кажеме, што значи изразот и името на празникот „Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица“. Според Црковната наука значи дека на Марија не преминал источниот, прародителскиот грев. Бог од „источниот грев“ ја зачувал уште во утробата на нејзината мајка Ана затоа што неа (Марија) на тој начин однапред ја избрал да биде мајка на Исус Христос. Станува збор, всушност, за една духовна реалност, може да кажеме за едно тоаинство и дел од верата. Теологијата продолжува да научува дека Марија не направила ниту лични гревови. – Токму поради тоа пред сѐ заради содржината на оваа доктрина за Марија, во календарот на универзалната Црква заедно со другите е воведен и овој празник „Пресвета Богородица зачната без источниот грев“.

Блажена Девица Марија е сочувана од секоја дамка на источниот грев од моментот на нејзиното зачнување. Исто така, Марија не била лишена од посветителната благодат, туку била полна со благодат од Бога и живеела живот целосно без грев.

Овој празник честопати се заменува со настанот кога Марија го зачнала Исус, но се работи за два различни настани.

Празникот за Безгрешното зачнување на Пресвета Богородица се слави на 8 декември (21 декември според јулијанскиот календар). Го основал папата Сикст IV во 1476 година, а догмата свечено ја прогласил папата Пиј IX во посланието „Ineffabilis Deus (Непогрешивиот Бог)“ на 8 декември во 1854 година. Католичката Црква верува дека догмата има основа во Библијата. Архангелот Гаврил ја нарекол Марија како „полна со благодат“, а црковните Отци ја нарекувале Марија – Блажена Дева. Според католичката теологија, Марија морала целосно да биде без грев,за да би можела да го зачне Исуса.

Еве што научува Катехизамот на Католичката Црква за Безгрешното Зачнување: „Марија да би била мајка на Спасителот, таа ‘била од Бога надарена со даровите кои се во согласност за возвишената улога’. Ангелот Гаврил, во моментот на навестувањето, ја поздравила како ‘благодатна’ (Лк 1,28). И навистина, за навестувањето на нејзиниот позив да би можела да даде слободна согласност на нејзината вера, потребно било таа целата да биде покриена со Божјата благодат.“

Низ вековите Црквата станала свесна дека Марија, исполнета со Божјата благодат, била откупена уште од нејзиното зачнување. Така догмата за Безгрешното Зачнување, прогласена од Папата Пиј IX во 1854 година, гласи:

Пресвета Богородица во првиот момент на нејзиното зачнување, со единствената благодат и привилегијата на Семоќниот Бог, во предвидувањето на заслугата на Исус Христос Спасителот на човечкиот род, била ослободена од секоја дамка на источниот грев.

Целиот овој “сјај на целосната единствена светост’ која Марија ‘ја прати од првиот момент на нејзиното зачнување’ ѝ доаѓа целосно од Христос: таа е ‘откупена на возвишен начин преку заслугите на нејзиниот Син’. Повеќе од било која друга создадена личност, Отецот во Христос ја ‘благословил со секаков духовен благослов од небесата (Еф 1,3). Во Него Тој неа ја избрал, ‘пред создавањето на светот, да биде света и непорочна пред Него во љубовта’ (Еф 1,4).“

МОЛИТВА до Пресвета Богородица:

Мајко Божја, Безгрешна Маријо,

ти ги посветувам својата душа и тело,

сите мои молитви и работи,

моите радости и таги,

целиот себе и сѐ што поседувам.

Ти се предавам се целото срце,

да бидам роб на твојата љубов,

потполно ти ја предавам својата слобода,

за да се послужиш со мене

во спасувањето на луѓето и во спасувањето

на Светата Црква чија Мајка си ти.

Од денес сакам да правам сѐ со тебе,

според тебе и за тебе.

Знам дека со сопствените сили не можам

да постигнам ништо, но ти можеш да направиш

што е волјата на твојот Син, и ти секогаш си победничка

Затоа те молам, Помошнице на христијаните,

Мајко на Црквата, моето семејство,

мојата парохија, мојот народ и целата земја

да бидат навистина Царство Твое и на твојот Син.

Амин.

Битно.нет/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот