Аудиенција на Папата со фрањевскиот световен ред: Евангелието нека го обликува вашиот живот
На 15 ноември, папата Фрањо се сретна со учесниците на Генералниот капитул на фрањевскиот световен ред и ги потсети и поттикна да сведочат за карактеристичните особености на нивниот повик и послание.
Со зборовите на свети Фрањо: „Господ ви даде мир“, Папата ги поздрави присутните членови на фрањевскиот световен ред во Ватикан и ги потсети на карактеристичните особености на нивниот повик и послание.
Вашиот повик, рече папата Фрањо, произлегува од универзалниот повик за светост. Оваа светост, на која сте повикани како световни фрањевци, како што од вас бараат Генералната конституција и Правилото одобрено од свети Павле VI, вклучува преобраќањена срцето кое го привлекува, освојува и преобразува Оној кој е единствен Свет, кој е „добар, кој е секое добро, најголемо добро“ (Свети Фрањо, Пофалба на Бога).
Покајници
Тоа е она што ве прави вистински покајници, рече Папата. За тоа во неколку наврати зборуваше и самиот свети Фрањо, а Папата потсети како светителот рекол дека покората е патот на преобраќањето, христијанскиот живот, посветеноста да се врши волјата и делото на небесниот Отец.
Зборувајќи за преобраќањето напишано од свети Фрањо во своето сведочење, Папата истакна дека Бог е тој што презема иницијатива. Покајникот одговара со прифаќање да се стави во служба на другите и да биде милостив кон нив. Резултатот е радост, рече Папата, цитирајќи ги зборовите на свети Фрањо дека она што му изгледало горко се преобразило во сладост на душата и телото.
Драги браќа и сестри, им рече Светиот Отец на присутните, ова е на што ве повикувам да го постигнете во вашиот живот и послание. Тој, исто така, истакна дека не треба да го поистоветуваат „правењето покајание“ со „делата на покора“. Делата се пост, милостина и умртвување, а тие се последиците од одлуката да го отвориме срцето за Бога. Отворете му го срцето на Бога, повика Папата. Како што Фрањо беше „ Христово“, така и вие станете „огледало Христово“.
Евангелието нека го обликува вашиот живот
Повикот до световниот фрањевски ред е да го живее Евангелието во светот, како „сиромашен“, без разубавување, да го прифати Евангелието како форма и правило на животот. Ве повикувам, рече Папата, да го прегрнете евангелието како да го прегрнувате Исус. Евангелието, односно самиот исус, нека биде тој кој ќе го обликува вашиот живот. Со вашиот фрањевски и световен идентитет, продолжи Папата. , вие сте дел од „Црквата која излегува “. Вашето омилено место е да бидете меѓу луѓе каде што секој, според својот повик, сведочи за Исус со едноставен живот, без претензии, секогаш со задоволство следејќи го Христа сиромашен и распнат, како Свети Фрањо и многу мажи и жени од вашиот ред.
Исто така ве охрабрувам и вас, нагласи Светиот Отец, да излезете на денешните егзистенцијални периферии и таму да одекнува евангелското слово. Никогаш не заборавајте на сиромашните, кои се телото Христово, повикани сте да им ја објавите Радосната вест (сп. Лука 4,18), како што направи, меѓу другото, вашата заштитничка Елизабета Унгарска.
Братство
Нека вашата световност, заврши во своето обраќање Папата, биде полна со блискост, сочувство, нежност. Бидете мажи и жени на надеж, посветени на тоа да ја живеете и да ја „организирате“, да ја преточите во конкретни секојдневни ситуации, меѓучовечки односи, социјална и политичка посветеност, да ја негувате надежта за утре преку ублажување на денешната болка.
Сите сте повикани да живеете во братство, чувствувајќи се како дел од големото фрањевско семејство. Во оваа смисла, потсетувам на желбата на Фрањо целото семејство да остане обединето, почитувајќи ја различноста и автономијата на различните компоненти, но и на секој член. Но, секогаш со витално меѓусебно заедништво, сонувајќи заедно за свет во кој сите се чувствуваат како браќа и заедно работат за во неговата изградба (сп. Fratelli tutti, 8), рече Папата.
Ватикан њуз/к.мк