Ангел Господов: Христос е извор од каде црпиме спасение

Ангел Господов: Христос е извор од каде црпиме спасение

Папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов упати неколку збора до Црквата во Ломбардија, која посебно е погодена од кризата од корона вирусот. Коментирајќи го Евангелието за Третата недела од Великиот пост, тој потсети на ветувањето кое Исус го даде на Самарјанката: Тој е извор од кој произлегува Светиот Дух, кој ги простува гревовите и раѓа повторно за нов живот. Молитвата Ангел Господов директно е пренесувана по пат на стриминг.

Папата во недела 15 март 2020 година пред молитвата Ангел Господов, поради кризата со корона вирусот, директно преку стриминг, се обрати до верниците од Апостолската библиотека. Пред да ја одржи катехезата, Папата упати неколку збора до Црквата во Ломбарија, која на посебен начин е погодена од овој вирус. Тој потсети исто така на гестот на надбискупот Делпини, кој од врвот на катедралата моли за заштита од Блажена Дева Марија.

Водата како елемент кој одржува во живот и како таинство е централната мисла на пладневниот говор на Светиот Отец, кој беше посветен на Евангелието од Третата Недела на Великиот пост. Имено во четвртата глава од Евангелието според Иван се зборува како Исус кај изворот се сретнува со Самарјанка. Христос уморен и жеден, побарал од жената да му даде да се напие вода, жена која припаѓа на заедница која е презирана од Евреите – рече Папата и истакна: Така прекршувајќи ја целата бариера, започнува дијалог во кој на таа жена ѝ го откри таинството на жива вода, односно Светиот дух, Божјиот дар.

Имено, на изненадување на жената, Исус одговара: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Оној што ти вели: »Дај Ми да пијам« – ти самата би побарала од Него и Он би ти дал вода жива.” Ако нашата потрага и нашата жед во Христос пронајдат исполнение, ќе видиме дека спасението не е во работите од овој свет, туку во Оној кој нè љубел и секогаш нè љуби; во Исус нашиот Спасител – рече Светиот Отец и објасни: Бог во библиската традиција е извор на жива вода, а од Него ако се оддалечиме, донесува најголема суша. Тоа е она што се случило со израелскиот народ, додека Мојсеј го водел низ пустината.

На долгиот пат до слобода, изморен и жеден, народот се бунтувал против Мојсеј и против Бог, зато што немало вода – рече Светиот Отец и потсети: Како што сакаше Бог, Мојсеј удари по карпата и од неа потече вода, како знак на Божјата провидност која го придружува својот народ и му дава живот. Во таа карпа од која тече вода, свети Павле го гледа Христос, извор од каде излегува Светиот Дух. Апостол Павле зборува за таа карпа како знак за Христос, секако, како таинствен лик на Неговата присутност меѓу Божјиот народ кој е на пат.

Имено, Христос е храм, од кој во согласност со гледањето на пророкот, произлегува Светиот Дух, кој прочиствува и дава живот – рече папата Фрањо и напомена: Кој е жеден за спасение може бесплатно да црпи од Исус и Светиот Дух во него ќе стане извор за полнина на живот и вечност. Ветувањето за жива вода, која Исус ја даде на Самарјанката станало реалност во Неговото страдање. Од неговата прободена страна потекоа крв и вода. Христос, жртвувано и пасхално Јагне, е извор од кој извира Светиот Дух, кој ги простува гревовите и повторно раѓа за нов живот.

После средбата со Христос не е возможно да се молчи, затоа што како и Самарјанката, кој лично ќе го сретне живиот Исус чувствува потреба за Него да им зборува на другите, како сите би исповедале дека Исус навистина е Спасител на светот, како што покасно кажале сонародниците на таа жена. И ние кои преку крштението сме родени за нов живот, повикани сме да сведочиме за живот и надеж која е во нас. Ако нашето барање и нашата жед го наоѓаат во Христос потполното исполнување, ќе видиме дека спасението не во работите од овој свет, туку во Оној кој нè љубел и секогаш нè љуби; во Исус нашиот Спасител – рече Светиот Отец на крајот од својот пладневен говор.

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот