Ангел Господов: Папата повикува здравствените системи да им даваат приоритет на најсиромашните

Во својата порака за оваа недела, пред молитвата Ангел Господов, 6 април 2025 година папата Фрањо бара поддршка и почитување на здравствените работници. Тој, исто така, повика на мир во целиот свет, осудувајќи го насилството на Хаити, каде во понеделникот на 31 март беа убиени две монахињи.
Пораката на папата Фрањо за оваа 5 недела од Великиот пост е објавена од Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Во текстот, Папата се фокусира на „Божјиот прст“, со кој Исус пишува во земјатаво денешното Евангелие. Исус пишува „нова приказна“ за жената која книжниците и фарисеите сакаат да ја каменуваат до смрт, нагласува Светиот Отец.
„Божји прст“
Папата Фрањо рече дека во текот на неговата хоспитализација и во последните 15 дена на закрепнување во Ватикан, го воочувал „овој прст Божји“ и неговото „добронамерно милување“.
„На овој ден на Јубилејот на болните и здравствените работници, го молам Господа ова милување на неговата љубов да допре до оние кои страдаат и да ги охрабри оние што се грижат за нив“, напиша Папата.
Загрижен за условите за работа на лекарите, медицинските сестри и здравствениот персонал, како и за нападите на кои понекогаш се изложени, Папата вели дека нивната мисија „не е лесна и мора да биде поддржана и почитувана“.
Покрај тоа ги повика светските лидери да инвестираат во лекување и медицински истражувања, „за да може здравствените системи да бидат инклузивни и внимателни кон најсиромашните и најкревките“.
Мир низ целиот свет
Како и обично, Папата ги замоли верниците да се молат за мир во светот, особено „во измачената Украина, погодена од напади во кои загинаа многу цивилни жртви, од кои многу деца“.
Овој апел доаѓа два дена откако секретарот за односи со државите и меѓународните организации на Светиот Престол, надбискупот Пол Ричард Галагер, телефонски разговараше со министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.
Папата потоа ги насочи своите мисли кон Газа, „каде луѓето се сведени на живот во незамисливи услови, без засолниште, без храна, без вода за пиење“, повикувајќи на продолжување на дијалогот, ослободување на заложниците и „замолчување на оружјето“.
„Да молиме за мир на целиот Блиски Исток, во Судан и Јужен Судан, во Демократска Република Конго и во Бурма, тешко погодена од земјотрес“, продолжи Светиот Отец. Тој, исто така, им оддаде почит на двете монахињи убиени на Хаити, осудувајќи го насилството што „бесне“ во земјата.
За Светскиот ден на спортот за мир и развој, Папата изрази надеж дека „спортот ќе биде знак на надеж за толку многу луѓе на кои им треба мир и социјална вклученост“. На крајот, им се заблагодари на затворениците од женскиот затвор Ребибиа за честитката што ја добил од нив.
Ватикан њуз/к.мк