За време на своето обраќање пред молитвата Ангел Господов, папата Лав XIV порача дека Божјото Царство расте тивко, преку понизност, трпение и љубов, а не преку моќ. Тој ги поттикна христијаните да имаат доверба во Божјото скриено дејствување и да станат „мали семиња на Евангелието“ во светот.
Папата Лав XIV ги повика христијаните да го отфрлат искушението да бараат спектакуларни знаци на Божјата моќ, потсетувајќи дека Божјото Царство расте тивко и трпеливо, како мало семе или како квасец што дејствува невидливо.
Обраќајќи им се на верниците собрани на молитвата Ангел Господов во Кастел Гандолфо, Папата се осврна на три параболи од Евангелието според Матеј: за пченицата и каколот, за синаповото зрно и за квасецот. Според него, тие го откриваат начинот на кој Бог дејствува во историјата и во животот на луѓето.
Наместо да се наметнува со сила или да триумфира на човечки начин, рече Папата, Бог ја избира „маленкоста“ како знак на својата дискретна и трпелива љубов.
„Тој нè остава слободни да Го прифатиме или да Го отфрлиме“, рече папата Лав XIV, нагласувајќи дека Божјата љубов го покажува своето присуство дури и „меѓу каколот“, дејствува невидливо како најмалото семе и го преобразува светот, како квасец во тесто.
Папата призна дека многу луѓе очекуваат Бог да интервенира драматично и веднаш да го отстрани злото од светот. Но таквите очекувања, предупреди тој, можат да создадат и погрешна слика за христијанскиот живот и за Црквата.
Наместо тоа, рече Папата, христијаните се повикани да препознаат дека Царството расте и во присуство на злото. Тоа бара да научиме да го распознаваме доброто што продолжува да никнува и покрај темнината, да се спротивставиме на искушението за брзи судови и трпеливо да го придружуваме постепеното дело на Божјата благодат.
Царството, продолжи тој, често се појавува во обичните моменти од секојдневниот живот. Тоа расте незабележливо, но постојано дејствува. Дури и кога Бог изгледа отсутен, Папата ги увери верниците дека Тој е секогаш присутен и дека Неговата љубов секогаш е подготвена да помогне.
Папата Лав XIV нагласи дека Божјиот начин на дејствување треба да стане и начин на живот на христијаните, лично и како членови на Црквата.
Тој ги охрабри верниците да усвојат „евангелски пристап“, избегнувајќи ароганција, желба за владеење над другите и употреба на моќ за наметнување на верата. Наместо тоа, христијаните треба да ја положат својата доверба во Божјото тивко дело.
Цитирајќи го идниот папа Бенедикт XVI, папата Лав XIV рече дека христијаните се повикани да ја прифатат „логиката на семето“, која „не е логика на успех и големина, туку логика на тоа да станеме мали и да им служиме на другите“.
На тој начин, заклучи Папата, христијаните можат да станат „мали семиња на Евангелието“ и „квасец на љубовта“, способни да го преобразуваат светот однатре.
На крајот од своето размислување, папата Лав XIV ги довери верниците на застапништвото на Пресвета Богородица. Тој ја замоли Богородица, која со понизност го прими семето на Божјото Слово, да ги поткрепи христијаните на нивниот пат на верата.
Ватикан њуз/к.мк

