Ангел Господов: Без прошка не можеме да живееме во мир

Ангел Господов: Без прошка не можеме да живееме во мир

Во своето обраќање пред молитвата Ангел Господов, папата Лав XIV размислуваше за силата на простувањето, нагласувајќи дека христијаните се повикани да им простуваат на другите како што Христос им простува ним, спротивставувајќи се на омразата, поделбите и насилството.

Простувањето шири лековита љубов која може да ја надмине човечката омраза, огорченоста и поделбите, порача папата Лав XIV во недела, 13 септември 2026 година, на плоштадот Свети Петар.

„Простувањето е неопходно и без него не можеме да живееме во мир. Порано или подоцна, во нашите срца и меѓу луѓето се појавуваат конфликти, обвинувања, злоба и дела на одмазда, а тие ги уништуваат односите, ги делат семејствата и предизвикуваат војни“, истакна Светиот Отец.

Папата нагласи дека само простувањето може да го ослободи човекот од товарот на огорченоста и повторно да донесе светлина таму каде што човечката и моралната сиромаштија го затемниле хоризонтот.

„Простувањето, како нежен ветрец, ги растерува и најгустите облаци, сè додека сонцето повторно не заблеска“, рече папата.

Тој ги повика верниците да ја молат Дева Марија, Мајката на милосрдието, да им помогне секогаш да простуваат, дури и кога е тешко да се направи првиот чекор, и храбро да ја шират љубовта која ја победува омразата и го разоружува негодувањето.

Простување без мерка

Осврнувајќи се на неделното Евангелие според Матеј, папата потсети на прашањето на Петар до Исус колку пати треба да му прости на братот кој ќе му згреши и дали седум пати е доволно.

Христос му одговара: „Не ти велам до седум, туку до седумдесет пати по седум.“

Папата објасни дека бројот седум во Светото Писмо ја означува полнотата, па Христовите зборови значат дека христијанинот е повикан да простува без граници и без мерка.

Тој истакна дека простувањето е една од основните карактеристики на христијанскиот живот.

Во продолжение се осврна и на параболата за слугата кому господарот му простил огромен долг, но кој потоа не покажал милост кон својот сослужител.

Преку оваа парабола, рече папата, Исус нè потсетува дека дарот и простувањето се во основата на нашето постоење, бидејќи сè што имаме сме го примиле од Бога како дар на Неговата љубов.

Токму затоа бесплатноста и милосрдието треба да бидат и правило во односите меѓу луѓето, за да можеме да живееме во мир и да се ослободиме од товарите што ги носиме во себе.

Петар го искусил простувањето

Како пример за силата на простувањето, папата го посочи апостол Петар.

За време на Христовото страдање Петар трипати се одрекол од својот Учител, иако бил еден од Неговите најблиски ученици. Но по Воскресението Христос повторно му се обратил со прашањето: „Симоне, ме љубиш ли?“ и повторно го повикал: „Следи Ме!“

Папата нагласи дека Христос не го отфрлил Петар поради неговиот пад, туку со својата љубов и простување го обновил и повторно му ја доверил неговата мисија.

Токму оваа љубов која простува и лекува, порача папата Лав XIV, станала за Петар почеток на нов живот и потврда на неговиот повик како прв меѓу апостолите.

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот