Пепелница

Пепелница

Веќе на Пепелница, над сите лебди Исусовото Слово кое повикува: Царството Божјо е пред вратите, преобратете се и верувајте на Радосната вест!

При посипувањето со благословена пепел на Пепелница свештеникот му вели на оној кој го посипува: Сети се човече дека си прав и дека во прав пак ќе се вратиш. Или пак: Преобрати се и верувај на Евангелието!

Коризмата, односно Великиот пост не е време за жалост, туку нова пролет во животот. Донесува нова надеж за човекот да стане поинаков, во својот живот да го поправи она што досега го мачело, да стане здрав, племенит и добар. Коризмата е време кога човекот може да ја оздрави својата душа, и преку дисциплината во јадењето, пиењето и работата да ја исцели својата психа, но и своето тело. Тоа се моменти кога може да се очисти целосно своето битие, да се отргне теретот на своеста, но и од телото, како и теретот на погрешни емоции и фантазии, како и лоши мисли и грижи.

Пепелница е останата како спомен на покората која ја правеле Евреите во текот на својата историја, Големите светци и покорници од Стариот Завет знаеле да се облечат во облека од груб коноп, да ја посипат главата со пепел и да легнат во прашина како знак дека згрешиле и дека сакаат да го поправат својот живот.

Така преку Божјата семоќност и љубов таа прашина станува човечко тело и душа, нераспадливо бесмртно и вечно. Затоа тој прав кој се вика човек и кој е смртен постојано има треба од Божјата присутност и силата на Светиот Дух за да го направи човекот непобедлив и бесмртен. Коризмата е и спомен на четириесетдневното одење во пустината на Израелците за да можат да влезат во Ветената земја.

Сите сме повикани во Коризмата да направиме нешто посебно, да заориме некоја посебна бразда во својот живот и да посееме ново семе во своите денови и години.

Кој ќе ја искористи коризмата, тој станува искусен христијанин, верник и човек. Така на крајот од коризмата Велигден станува не само славење на Исусовото воскресение и надеж, туку и нов почеток, пролет на сопствениот живот….

Лаудато/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот